Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје денеска соопшти дека ќе овозможи бесплатен јавен превоз по повод традиционалната културна манифестација „Бела ноќ 2022“.
Па така, право на бесплатен превоз ќе имаат сите граѓани од 18 часот во сабота (1 октомври) до 5 часот во недела (2 октомври).
„Потсетуваме дека во функција се и ноќните линии, а возниот ред е достапен на веб-страницата на ЈСП Скопје“, додаваат од ЈСП.
Организаторите на манифестацијата „Бела ноќ“ истакнаа дека концептот и оваа година останува ист, односно дека „Бела ноќ“ ќе биде мултимедијална вечер со богата културна програма која ги опфаќа сите културни установи.
За настанот предвидени се изложби, театарски претстави на отворено, настапи на камерен оркестар, кино проекции, магионичарско и жонглерско шоу, настапи на диџеи и поетски читања.