Е.Д.Е.Н. – Здружение за заштита на животните и животната средина во соработка со „Охрид SOS“ организира работилница за изработка на пилот проект за пасош на Скопје.
Работилницата ќе се одржи на 7 и 8 октомври во просториите на скопската „EU House“, а е отворена за студенти по архитектура, млади архитекти и урбанисти, активисти и еко-ентузијасти.
Организаторите истакнуваат дека учесниците ќе имаат прилика да се запознаат со процесите кои претходат на изработка на урбанистички планови, а се засноваат на претходна анализа на состојбите на дадената локација односно собирање, мапирање, анализа и обработка на податоци потребни за изработка на пасош на две градски четврти на територија на Општина Центар.
Во рамки на работилницата, свои предавања ќе одржат и Горјан Јовановски (МојВоздух) и Љубо Георгиев (Визија за Софија).
Тие ќе ги споделат нивните искуства во процесот на собирање, обработка и пласирање на податоци од отворен карактер, кои имаат за цел да ја информираат јавноста за квалитетот живот во нивните градски средини, но и да ги информираат сите засегнати чинители во процесот на изработка на урбанистички планови.
Работилницата ќе ја водат Ана Рафаиловска, Милка Докузова, Биљана Насковиќ и Снежана Домазетовска.
Пријавувањето на работилницата е преку формуларот за учество, а рокот за пријавување е до 3 октомври.
Избраните кандидати ќе бидат известени на 4 октомври.