Иран го засили притисокот врз славните личности и новинарите поради бранот на протести предводени од жени по смртта на Махша Амини, која беше уапсена од „полицијата за моралност“.
Филмските работници, спортистите, музичарите и актерите ги поддржаа демонстрациите, а многумина како сигнал го протолкуваа тоа кога фудбалската репрезентација на Иран остана во нивните тренерки кога беа интонирани химните пред мечот со Сенегал во Виена.
„Ќе преземеме акција против славните личности кои ги распалија протестите“, изјави градоначалникот на Техеран, Мохсен Мансури, пренесе новинската агенција ИСНА.
Шефот на судството на Иран, Голамхосеин Мохсени Еџеи, исто така ги обвини „оние кои станаа познати поради поддршка од системот, а се придружуваат на непријателот кога времињата се тешки“.
Овие предупредувања доаѓаат речиси две недели откако низ Иран избувнаа масовни протести, а власта се обидува да ги спречи преку жесток одговор, кој Амнести Интернешнал го нарече „безмилосно насилство од безбедносните сили“.
Според организацијата Ирански човекови права, до вчера на протестите загинале најмалку 83 луѓе, меѓу нив и голем број деца.
Јавниот револт изби откако 22-годишната Амини умре во притвор на 16 септември, три дена по нејзиното приведување поради наводно прекршување на строгите правила на Иран за носење на марама која го прекрива лицето (хиџаб) и скромно облекување.
„Жени, живот, слобода!“ е слоганот кој го извикуваат оттогаш демонстрантите на најголемите протести во земјата во последниве три години, на кои жените во бес ги палеа своите хиџаби и ја кратеа својата коса во јавност.
Претседателот Ебрахум Раиси предупреди дека и „покрај тагата за смртта на Амини“, јавната безбедност е „црвена линија за Исламската Република Иран и никој не може да го прекршува законот и да предизвикува хаос“.
Вчера иранските безбедносни сили ја уапсија новинарката Елах Мохамади, која известувала од погребот на Амини, а претходно беше уапсена и новинарката Нилуфар Хамеди, која известувала од болницата каде Амини била во кома и го откри случајот за нејзината смрт.
Комитетот за заштита на новинарите соопшти дека досега во Иран има вкупно 28 притворени новинари по почетокот на протестите.
Солидарни собири заедно со протестите на Иранките се одржуваат низ целиот свет, а веќе во сабота најавени се демонстрации во 70 различни градови низ светот.