Најмалку 23 лица се убиени, а уште десетици се повредени откако руска граната погодила хуманитарен конвој во јужниот дел на Украина, соопштија локалните власти.
За бруталниот напад сведочи огромен кратер покрај редови на смачкани возила со скршени стакла во градот Запорожје. Би-Би-Си пренесува дека нивните новинари забележале неколку неподвижни тела на местото на нападот, кои најверојатно се цивили. На асфалтот имало и расфрлана облека.
Еден од преживеаните изјавил дека слушнал најмалку три различни експлозии.
Реагирајќи на нападот, кој се случи рано утрово, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече Русија „терористичка држава“.
Според него руската војска истрелала 16 гранати на градот и посочи дека сторителите на овие дела ќе бидат казнети за „секој изгубен украински живот“.
Во меѓувреме локалните претставници поставени од Русија ја обвинија Украина за нападот.
Конвојот бил погоден додека луѓето се подготвувале да влезат во руските окупирани делови на регионот за да ги соберат своите роднини и да достават хуманитарна помош.
Нападот доаѓа додека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува да прогласи анексија на Запорожје и уште три други украински региони кон Русија. Ваквиот чин следува по квази-референдумите кои се одржаа во источните и јужните региони кои беа осудени од Западот и Украина како фарса.