Интерактивна театарска претстава со фокус кон корупција, непотизам, предрасуди, меѓу-врсничко насилство и дискриминација под водство на социологот Демир Мекиќ, се одржа во просториите на бившото „Матично“.
Театарската претстава е финален производ од претходната работилница „Театар на угнетените – моќни трансформации и трансформации на моќта“, во организација на КСП Центар Јадро.
Насловена како „Театар на угнетените – моќни трансформации и трансформации на моќта“, претставата беше резултат на повеќедневна работа, каде учесниците под водство на тренерот и практичар на театарот на угнетените Мекиќ, ги истражуваа социјалните проблеми со кои се соочуваат различни општествени групи во нашето општество.
„Самата презентација на форум театар беше интерактивна и имаше за цел да ја ангажира публиката, отворајќи простор самите гледачи да го креираат крајот на претставата, барајќи решенија за проблемите претставени во претставата“, велат од КСП Центар Јадро, организаторите на настанот.
Интерактивниот карактер на театарската изведба дозволи секој учесник да избере приказна на која сака повеќе да се посвети, со што се отвори нов простор за размена на мислења, активизам, општествени промени на микро-ниво, охрабрувајќи ги сите присутни да преземат акција во реалниот живот, посочуваат од „Јадро“.
Дополнително, организаторите информираат дека театарската претстава ќе се прикажува во училиштата, па досегашните учесници ќе можат да го применат форматот на форум театар и театар на угнетените во нивната понатамошна работа со деца.
Демир Мекиќ е социолог, тренер и практичар на Театарот на угнетените. Формалното и неформалното образование, применетиот театар и работата со млади се дел од неговиот професионален развој. Со Театарот на угнетените се занимава повеќе од 10 години и во тој период го развива својот метод на работа со заедницата во целина преку употреба на театар, со акцент на работа со млади луѓе, во областа на теми поврзани со човекот права, интердисциплинарност и инклузија.