Иранската полиција се судрила со студентите во еден од најголемите универзитети во земјата, пренесуваат локалните медиуми и информациите на социјалните мрежи.
Како што пишува Би-Би-Си, голем број студенти на Универзитетот „Шариф“ во Техеран се заробени на паркингот на кампусот. Од видеоснимките на социјалните мрежи може да се види како студентите бегаат од безбедносните сили, а наводно се слушаат и истрели.
Според „Иран Интернешнал“ безбедносните сили извршиле напад на студентскиот дом и пукале во објектот. Според други информации полицијата употребила солзавец врз демонстрантите.
Вчера беше првиот ден од новата академска година за студентите кои го посетуваат Универзитетот „Шариф“.
Анти-владините протести во Иран избија во септември по смртта на 22-годишната Махша Амини, девојка која почина додека се наоѓала во притвор откако била уапсена од „полицијата за моралност“ поради кршење на правилата за носење хиџаб.
Полициските службеници наводно ја тепале Амини со пендреци и ѝ ја удирале главата од полициско возило. Според властите нема докази за било каква злоупотреба при апсењето на Амини и официјалната верзија е дека таа починала од „ненадеен срцев удар“.
По погребот на Амини низ земјата се раширија масовни демонстрации кои станаа најголема демонстрација на незадоволство во Иран во последниве неколку години.
Според невладината организација „Ирански човекови права“ досега на протестите се убиени 133 луѓе.
Властите веќе најавија дека жестоко ќе одговорат на демонстрациите, кои според нив се наметнати на Иран од „надворешни непријатели“.