Во најскоро време ќе се формира Совет кој ќе треба да го реши проблемот со учебниците и во основно и во средно образование, зашто сите работи не зависат од Министерството, рече министерот за образование Јетон Шакири, кој денеска беше во посета на Битолскиот универзитет и новиот ректор Игор Неделковски по повод почетокот на новата академска година, пренесува СДК.мк.
„Проблемот со учебници не е само во основно, туку и во средно обарзование. Мислам дека во најбрзо време ќе се оформи еден вид совет за целиот проблем, кој не е само за оваа година, туку за конечно да се најде решение и за основно и за средно училиште. Во процесот на средно образование ние повеќе години сме во фаза на подготовка на нови закони. Гледам, треба да формираме Совет кој ќе ги координира сите работи зашто сите работи не зависат само до Министерството туку и од Бирото за образование и други институции“, рече Шакири.
Тој рече дека очекува овој и следниот месец да завршат сите процеси за учебници и во Националната комисија, како и во процесот на печатење, за учениците од основно училиште кои учат по нивиот концепт да не се без материјали.
За проблемот со учебниците за средношколците уште пред две недели реагираа од Сојузот на средношколци. Од таму посочија дека на почетокот на оваа школска година добиле бројни пријави од ученици за оштетени учебници, кои се далеку од употреблива состојба, а во одредени случаи и комплетен недостаток на дел од учебниците. Според Сојузот, вакви ситуации се присутни во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта.
Сојуз на средношколци: Ученици не добиваат учебници, или ги добиваат оштетени