Младинскиот образовен форум и РадиоМОФ во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОOН за бегалци објавува повик за дводневна работилница за мобилно новинарство која ќе се одржи во периодот помеѓу 10-14 октомври, од 10 до 18 часот.
Учесниците на работилницата ќе се стекнат со потребното знаење за креирање новинарски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил, мигранти и лица без државјанство. На работилницата учесниците ќе имаат можност да се здобијат со информации поврзани со основните права и на бегалците, војната во Украина и бегалската криза, статусот на мигрантите во Украина, репродуктивните аспекти на бегалската криза и дополнително, учесниците ќе се здобијат со знаења и техники за мобилно новинарство преку теоретски предавања и практични вежби.
Повикот е отворен за млади новинари на возраст помеѓу 20-35 години, фоторепортери, уредници и општо медиумски работници кои известуваат во Република Северна Македонија и создаваат видео прилози, пишани прилози (во печатени и медиуми на интернет), анимации, графички стории, фотостории и други визуелни форми на известување на дигитални медиуми.
По завршувањето на работилницата, 8 учесници ќе имаат можност да се пријават да бидат дел од менторска програма организирана од МОФ, Радио МОФ и УНХЦР. На менторската програма учесниците ќе присуствуваат на работилница оддржана од новинари со богато новинарско искуство на темата и со поддршка од нивните ментори ќе имаат задача да креираат медиумски продукт во форма на текст, мултимедијална приказна, подкаст, кратко видео, интервју или сл. кое потоа ќе треба да го објават во медиумот каде што работат.
Сите заинтересирани може да се пријават на следниот линк (https://forms.gle/bcM58BS81QVZff3dA) најдоцна до недела, 9 октомври. За повеќе информации, може да нѐ контактирате на petar_barlakovski@mof.org.mk
Активноста е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ООН за бегалци, UNHCR-Skopje и партнерските агенции на ОН. Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ООН.