Австралија ќе резервира најмалку 30% од својата територија за конзервација со цел да ги заштити растенијата и животните на континентот каде се наоѓаат некои видови кои не можат да се најдат на ниту едно друго место на Планетата, соопшти минстерката за животна средина, Тања Плиберсек.
Австралија има изгубено повеќе видови цицачи од било кој друг континент и има еден од најлошите нивоа на губење на видовите меѓу развиените земји, според еко-извештајот објавен од Владата во јули.
Извештајот покажа дека бројот на видови кои се додадени на листата на видови под закана, или повисока категорија на ризик, пораснал за 8% во споредба со 2016 година.
„Потребата за акција за заштита на нашите растенија, животни и екосистеми од изумирање никогаш не била поголема“, вели Плиберсек во нејзината изјава.
Преку давање на приоритет на 110 видови и 20 различни подрачја, површината за коверзација ќе се зголеми за 50 милиони хектари. 10-годишниот план треба да биде повторно разгледан во 2027 година.
Австралија, која е шеста најголема држава во светот според површината, е дом на ендемски видови животни како коалите и клунарите, но нивната бројка се намалува поради екстремните временски услови и човечкото влијание врз нивните живеалишта.
Коалите кои живеат на источниот брег беа категоризирани под закана во февруари, откако експертите за природа проценија дека Австралија изгубила 30% од популацијата на овие животни во изминатите четири години.
Државата се справува со чести екстремни временски неприлики, меѓу кои и ужасните шумски пожари во 2019 и 2020 година во кои загинаа 33 луѓе и милијарди животни, а во оганот изгоре површина колку половина од територијата на Германија.
Светскиот фонд за дивиот свет (WWF) – Австралија ги поздрави напорите на Владата за конзервација, но ги повика надлежните дополнително да инвестираат во планови за спасување на секој вид кој се наоѓа под закана.
„Австралија има повеќе од 1.900 видови под закана. Овој план одбира 110 „среќници“. Но, останува нејасно како тој ќе им помогне на другите „неприоритетни“ видови кои се под закана“, објаснува Рејчел Лоури, директорката за козервација на WWF-Австралија.