Oд Здружението на новинари информираат дека Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева е назначена како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје.
Отсега, таа ќе е во надлежност да го следи постапувањето во предметите во кои во својство на оштетени, сведоци или пријавени лица се јавуваат новинари кои ги извршувале своите работни задачи.
Хаџи Василева е назначена на функцијата од страна на Гаврил Бубевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, а одлуката била официјализирана врз основа на заклучоците од состанокот на Бубевски со претставници од ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), што се одржал на 27 септември.
„ЗНМ со години наназад постојано работи на кампањи за кревање на свеста за состојбата на новинарите и медиумските работници каде што акцентот е ставен безбедноста на новинарите како и на проблемот со неказнивост на напаѓачите. Токму заради овие причини, една од препораките на ЗНМ до ОЈО Скопје беше формирање на посебно одделение со цел да се зголеми безбедноста на новинарите. Сето ова е во согласност со препораките на Совет на Европа со крајна цел – да се иницираат системски промени за подобрување на моменталната состојба“, велат од Здружението.
Оттаму дополнуваат дека според одлуката, ОЈО Скопје и останатите јавни обвинителства ќе даваат приоритет во постапувањето по предметите поврзани со безбедноста на новинарите и ќе продолжат во оваа насока да ја унапредуваат соработката со новинарските здруженија, со цел да се санкционира секое кривично-правно загрозување на слободата на изразување.