Во кругот на основното училиште „Фаик Коница“ во селото Радуша денеска беше отворено инклузивно игралиште во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кое е пристапно за ученици со намалена мобилност или во количка. Ова е прво вакво игралиште во Општина Сарај, а десетто игралиште кое се отвора во рамки на проектот.
Бранка Џајковска од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ истакна дека нивните проектни активности се во насока на тоа секое дете да има право на квалитетно образование.
„Како дел од овој проект работиме на опремување на сензорни соби, изградба на инклузивни игралишта, доделуваме и асистивна технологија, дидактички материјали и стимулативна опрема за работа со ученици со попреченост, ја подобруваме пристапноста на училиштата преку изградба на пристапни тоалети, со цел да ги поддржиме училиштата на нивниот пат да станат инклузивна и пристапна средина за учениците“, рече Џајковска.
Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети истакна дека како општина имаат цел да обезбедат квалитетно образование за секое дете и училиштата во општината да бидат пристапни и да спроведуваат инклузивни практики.
„Оваа недела се одбележува и Меѓународниот ден на наставникот и уште еднаш се потсетуваме колку е важно образованието и наставникот во животот на секое дете. Затоа е особено значајно секое дете да може во своето училиште да има услови да учи, да расте и да се развива заедно со своите соученици“, рече Беџети.
Фондацијата „Чекор по чекор“ проектот го спроведува заедно со своите партнерски здруженија „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово. Проектот е финансиран од Европската Унија.