Продажбата на антидепресиви во аптеките низ Русија се зголеми откако претседателот Владимир Путин донесе одлука за делумна мобилизација за војната во Украина, пренесува Ал Џазира Балканс.
Продажбата скокна за 120% во неделата од 19 до 25 септември, објави новинската агенција ТАСС, цитирајќи податоци од истражувачот на фармацевтскиот пазар „ДСМ“. Путин на 21 септември нареди делумна мобилизација на 300.000 резервисти.
Шефицата на Сојузот на фармацевтски здруженија Викторија Пресњакова изјави дека од почетокот на војната во Русија, на крајот на февруари, побарувачката за антидепресиви, апчиња за спиење и апчиња за смирување е значително зголемена во споредба со претходните години.
Пресњакова тоа го припиша на „геополитичката и економската ситуација“. Според неа, има многу пациенти на кои првпат им се препишуваат вакви лекови. Истовремено, посочи дека населението купува и лекови без рецепт за да се смири. Многу лекови за кои е потребен рецепт на друго место во Европа може лесно да се купат во аптеките во Русија.