Хрватскиот панк-рок бенд „Хладно пиво“ утре (9 октомври) ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во склоп на серијата настапи пред, како што најавија, подолгата концертна пауза.
Во најавата за настанот се посочува дека фронтменот на бендот Миле Кекин во следните години ќе се посвети на соло-кариерата, додека останатите членови на групата ќе продолжат заедно да работат преку проектот „Guerilla Mainstream“.
„Концертот на ‘Хладно пиво’ во МКЦ е воедно дел и од низата настапи на актуелната, исклучително успешна турнеја насловена ’35 за 35′, со која групата обележува три и пол децении постоење. На 9 октомври, како дел од програмата на годинашниот Таксират Фестивал, легендарниот хрватски панк-рок бенд се враќа по цели 5 години од нивниот последен, распродаден концерт во МКЦ. Во оваа последна тура, ‘Хладно пиво’ со својата верна публика за подолго време ќе се поздрави на неколку концерти низ регионов кои покрај Скопје ги вклучуваат и Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, а последниот настап пред најавената пауза ќе биде на 29 октомври во најмалиот град на светот, истарскиот Хум“, се посочува во најавата за настанот.
Влезниците се достапни онлајн и во продажните места на „МкТикетс“.