Урбанистички планови
Со урбанистичките планови се утврдува видот, намената, подрачјето, локацијата и димензиите на просторот, земјиштето и градбите што се од јавен интерес. Согласно прописите од Законот за урбанистичко планирање, плановите од системот на просторно и урбанистичко планирање треба да се хиерархиски и хоризонтално усогласени. Во случајот, Генералниот урбанистички план е на повисоко ниво од Деталниот урбанистички план.
Самиот урбанистички план претставува подзаконски акт, кој произлегува од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и од Правилникот за урбанистичко планирање.
Согласно член 9 од Законот за урбанистичко планирање, јасно се наведени целите на урбанистичкото планирање и начинот на нивно остварување:
Цели и начела на урбанистичкото планирање:
-Урбанистичкото планирање функционира за остварување на целите чие остварување се обврска на сите учесници во процесот на изработувањето, донесувањето и спроведувањето на урбанистичките планови и тоа:
- рамномерен просторен развој;
- рационално уредување и користење на просторот;
- создавање и унапредување на условите за хумано живеење и работа на граѓаните;
- надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет;
- одржлив просторен развој;
- сочувување на квалитетот и унапредување на животната средина и природата;
- справување со климатските промени;
- сочувување и заштита на недвижното културно наследство и
- безбедност од природни и технолошки катастрофи и хаварии.
-Целите на урбанистичкото планирање се остваруваат со применувањето на начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот во процесот на изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и тоа:
- интегрален пристап во планирањето;
- грижа и развој на регионалните особености;
- остварување на јавниот интерес и заштита на приватниот интерес;
- јавност во постапката за изработување, донесување и спроведување на плановите;
- инклузивност и партиципативност во постапката за изработување, донесување и спроведување на плановите;
- хоризонтална и вертикална усогласеност и координација во планирањето и
- уважување на научно и стручно утврдените факти и стандарди.
Во секој од овие процеси на урбанистичките планови, јавниот интерес треба да претставува приоритет и истиот треба да се штити, додека приватниот интерес се обезбедува согласно законските регулативи. Што е јавен интерес? Во Законот, јавниот интерес јасно е дефиниран како: уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот. Она што исто така се е од огромна важност, е дека за јавниот интерес треба да се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување, како и во следење на спроведувањето на урбанистичките планови.
Оттука, за обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање во Законот за урбанистичко планирање е наведено задолжително оформување на партиципативно тело на иницијатива на градоначалникот или партиципиентите.
Што значи партиципативното тело? Партиципативното тело ги претставува сите различни интереси и интересни групи во локалната заедница и ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица. Понатаму ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија и ги разгледува планските програми и планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија.
Генерален урбанистички план
Генералниот урбанистички план е од исклучителна важност во процесот на планирање и оформување на градот и истиот треба да придонесе кон хумани услови за живот и рационално уредување и користење на просторот. Надлежен орган за донесување на Генералениот урбанистички план е Советот на градот Скопје. Во процесот на спроведување на ГУП-от, согласно Законот, задолжително се спроведува стручна расправа, со која предложените плански решенија се ставаат на увид и проверка на стручната јавност, како и јавна презентација, со која предложените плански решенија се ставаат на увид на широката јавност.
Согледувања
Од горенаведеното, во последните декади, дискутабилно е колку новите детални урбанистички планови што се донесуваат за градското подрачје на Скопје, ги следат законските параметри според кои се одвива процесот на урбанистичко планирање и параметрите на повисоките планови како што е Генералниот урбанистички план, а воедно и колку се води грижа за јавниот интерес. Бидејќи законските параметри кои се претходно наведени во однос на транспарентоста во процесот на планрање и донесување на планови, не се во целост застапени во секојдневната пракса, за што сме често сведоци, сметаме дека е од особена важност за истото да се зборува што повеќе и што погласно. Инклузивноста во процесите на планирање мора да се спроведува и во пракса онака како и што е пропишана, да се почитува јавниот интерес и со тоа да се придонесе кон хумани услови за живот и рационално уредување на просторот. Од друга страна, во рамки на јавните презентации при донесување на урбанистичките планови, јавноста изразува интерес најмногу за прашања што го засегаат приватниот интерес, но колективниот интерес е се повеќе отсутен. Урбанистичкиот план го уредува просторот во кој граѓаните ќе живеат и затоа е потребно да се подигне и колективната свест за заедничкото добро. Со подигање на јавната свест се придонесува и кон поголема грижа и заштита на животната средина. Генералниот урбанистички план претставува токму една заедничка тема која треба да ги реши проблемите на ниво на градот. Тука се најбитните сегменти во однос на уредувањето на јавниот сообраќај и јавниот – колективниот простор. Преку транспарентност, вклучување и партиципативност во процесот на планирање ќе се поттикне критичката мисла, која ќе придонесе кон колетивно добро, а кон нивно остварување треба да целат сите засегнати страни, почнувајќи од надлежните институции, граѓанскиот сектор, па и самите граѓани.
Јана Брсакоска
Архитект, Здружение „Сити Скоп“