Една од алатките која може да се примени за законски да се уреди одредена средина, односно град е документот Генерален урбанистички план. Генералниот урбанистички план е еден од клучните фактори при креирањето на визија за одржлив град. Секој човек сака да живее во средина каде непречено и организирано би се одвивале неговите секојдневни активности, а кон регулирање на функционирањето на еден град придонесува соодветно изработен и спроведен ГУП според потребите токму на современиот човек.
Урбанизмот е мултидисциплинарна наука и урбанистичкото планирање е сеопфатно и засега многу сфери од човековото делување , па поради тоа при процесот на изработка и усвојување и спроведување на еден стратешки документ од национално значење каков што е Генералниот урбанистички план треба да се вклучат лица-експерти од различни области , а најважно самиот процес треба да е транспарентен и инклузивен за граѓаните – бидејќи тие се крајните „корисници“ на средината која ќе биде уредена со овој документ.
Доколку се осврнеме на ГУП 2012-2022 можеме да детектираме голем број проблеми кои останале нерешени или пак се појавиле токму во изминатиот период, за кои е потребно да се најде соодветно решение со новиот ГУП 2022-2032. Тоа се проблеми кои му пречаат на човекот нормално да функционира во својата средина: несоодветна сообраќајна и комунална инфраструктура, нерационално користење на јавниот и приватниот простор, намалување или исчезнување на зелените јавни површини, негативно влијание врз животната средина и ред други. Планското решение на градот не треба да е повторувачки процес со усвојување на веќе постоечки и докажано нефункционални планови, туку треба да му пристапи на градот како феномен кој е жив организам и постојано расте и се развива и да биде одговор на погоре споменатите проблеми. Ваквите настанати проблеми кои постојат во градот треба да се анализираат сегментарно, а да се решаваат заедно и да се согледа поголемата слика за тоа како еден град треба да функционира.
Процесот на креирање на Генералниот урбанистички план, чија важност е во период од 10 години, треба да биде правопропорционален на долгорочноста на овој документ, истовремено и сеопфатен за да одговара на мултидисциплинарноста на урбанизмот. Најважна во целиот процес е транспарентноста кон населението при носењето на стратешки одлуки и неговата максимална вклученост во детектирањето на проблемите и генерирањето на решенија при изработката на новиот ГУП. Решенијата кои се носат за градот преку ГУП-от треба да бидат функционални и практични, спроведливи во пракса, а не утописки и испишани само на хартија. Луѓето генерално се свесни за тоа што во нивната блиска и непосредна околина не функционира, меѓутоа недостига поттик, иницијатива за разбудување на колективната свест и нивно активно вклучување во одлуките кои се носат и се од јавен интерес.
На процесот на усвојувањето на решението за ГУП 2022-2032 треба да претходат низа активности кои ќе придонесат кон креирање на план што ќе биде постулат за развој на градот : работилници, дебати, анкети, мултимедијални настани, предавања, следење на случувањата на полето на урбанизмот на светската сцена и црпење идеи и искуства од надвор, средби со домашни и странски експерти, сеопфатни компаративни анализи на проблематиката, инклузивност и партиципативност на сите засегнати институции, организации, интервјуа, истражувања, обуки.
Само на овој начин, преку сублимација на сите добиени податоци од претходно наведените методи, ќе се дојде до нов Генерален урбанистички план кој во себе ќе ги содржи сите правила и принципи на одржливо и хумано урбанистичко планирање во чиј фокус е современиот човек и неговите потреби.
Ивона Крстеска Наумоска
Магистер инженер архитект, коосновач и член на „Културно Ехо“