Последниот од серијата настани „Создаваме град, градиме иднина!“ ќе се одржи утре (среда, 12 октомври) во 20 часот во КСП Центар-Јадро.
Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ има за цел да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел е да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот.
„Тема на проектот е новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година) кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот“, се вели во најавата на настанот.
На последниот настан, исто како и на претходните два во различни општини на Скопје, ќе има проекција на интерактивен документарен филм кој обработува повеќе локации од важечкиот ГУП (од 2012 до 2022 година) што веќе се предмет на дебата во јавниот дискурс.
Понатаму, работилница на тема: Што претставува ГУП и зашто е важен?. Односно, инволвирање на граѓаните и интеракција за нови идеи и предлози во насока на планирањето на градот.
Исто така, настанот вклучува и дебата на тема „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“
Тимот кој го изработи документарниот филм и перформансот:
Режија: Андреј Георгиев и Драгана Гунин
Актер: Симона Димковска
Кинематограф: Кристијан Караџовски
Монтажа: Дејан Смилевски и Андреј Ристески
Наратор: Мартин Манев
Гласови: Наталија Теодосиева, Илија Волчески, Јанка Лефкова и Благојчо Стојанов
Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ го реализира Меѓународно здружение на граѓани Културно Ехо – Скопје во соработка со здружението Ситископ – Скопје во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП Центар-Јадро, со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија.
„Благодарност до МАРХ за дозвола за користење на материјали кои ни помогнаа во истражувачкиот процес низ кој поминавме, и не инспирираа за овој проект“, велат организаторите.