Филмот „Летото кога научив да летам“, српско-хрватско-бугарска копродукција во режија на Радивоје Андриќ, полскиот „Враќање во тие денови“ од Конрад Аксинович и италијанско/белгискиот „Смена“ од Алесандро Тонда се најдобри играни филмови во секоја од трите категории според џифонците на годинешното 10. издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Во категоријата краток филм, информираат организаторите, јуниорите го избраа канадскиот „Клара ја нема“, кадетите италијанскиот „За Алма“, а сениорите – „Карле“, исто така од Италија.
За најдобар анимиран филм беше прогласен канадскиот „Ветриштата веат“, а беа избрани и најдобрите остварувања во категориите за студентски играни и анимирани филмови.
Теодор Митиќ, од категоријата јуниори и Летиција Кондратенко, од кадетите ќе ја претставуваат Македонија на следното издание во јули 2023 во Италија.
„Секоја година десетина учесници на „Џифони Македонија“ имаат можност да нѐ претставуваат во Италија, а селекцијата се прави во консултација со поранешните наши претставници на италијанското издание“, велат од „Џифони Македонија“.
На годинешното јубилејно издание на фестивалот учествуваа 500 млади од седум држави.
Фото: „Џифони Македонија“