Во сабота (15 октомври) со почеток во 11 часот во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се одржи трибината „Македонските книжевни списанија пред новите предизвици“.
Целта на трибината е да отворат дел од прашањата со кои се соочуваат актуелните специјализирани списанија: вреднувањето на авторскиот труд, изнаоѓање модели на одржливост, дистрибуција, достапност до публиката, преводните текстови и нивна промоција, третманот на актуелните книжевни настани, продолжувањето на традицијата и следењето на современите текови, дигитализиарањето и е-изданијата.
На трибината ќе учествуваат: Стефан Марковски („Современост“), Славчо Ковилоски („Стожер“), Ана Витанова Рингачева и Сузана Мицева („Зенит“), Даниела Андоновска Трајковска („Раст“ и „Современи дијалози“), Сашо Огненовски („Книжевни елементи“), Јордан Коцевски и Марина Шокева („Е-Лит“). Уредниците ќе ги поздрави директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска.
„Средбата ќе започне со посета на Одделот за периодика, каде, меѓу другото, се чуваат и првите броеви од сите списанија од Македонија. Така, уредниците од сегашните редакции ќе можат да се потсетат на работата на нивните претходници, а во одредни случаи и на традицијата долга и неколку децении“, посочуваат од Библиотеката.
По претставувањето на секое од списанијата, следува дебата која ќе ја модерира: Виолета Танчева Златева.
Трибината се организира во соработка со ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија.