Популацијата на дивите животни на Земјата е намалена просечно за 69% во последниве 50 години, открива нова научна анализа додека човештвото продолжува да ги сече шумите, да го троши ресурсите на Планетата и да загадува преку индустријата.
Од отворените океани до тропските дождовни шуми, бројот на птици, риби, водоземци и рептили е во слободен пад и се намалил за повеќе од две третини помеѓу 1970 и 2018 година, покажува извештајот „Жива Планета“ на Светскиот фонд за дивина и Зоолошкото друштво од Лондон. Пред две години оваа бројка изнесувала 68%, а пред четири години таа била на 60%.
Многумина од научната заедница веруваат дека живееме низ ерата на шестото масовно истребување – најголемата загуба на живот на Земјата од времето на диносаурусите и дека тоа е последица на луѓето. Извештајот на 89 автори ги повикува светските лидери да постигнат амбициозен договор на Самитот КОП15 за биодиверзитет, кој ќе се одржи овој декември во Канада, и да ги скратат јаглеродните емисии и да го лимитираат глобалното загревање на помалку од 1,5 степени оваа декада за да се сопре неконтролираното уништување на природата.
Индексот „Жива Планета“ комбинира глобални анализи од 32.000 популации на 5.230 животински видови за да измери промени во бројката на дивиот свет низ континентите. Латинска Америка и регионот на Карибити, во кои спаѓа и Амазон, имаат најголемо опаѓање на просечната бројка на популациите на дивиот свет, со намалување од дури 94% последниве 48 години.
„Овој извештај ни покажува дека најлошите загуби се во регионот на Латинска Америка, домот на најголемата дождовна шума – Амазон. Нивоата на обесшумување, кои се зголемуваат, не ги уништува само дрвјата во овој уникатен екосистем, туку и дивиот свет кој зависи од нив и од способноста на Амазон да дејствува како еден од нашите најголеми сојузници во борбата против климатските промени“, вели Тања Стил, директорката на Светскиот фонд за дивината за Велика Британија.
Африка е вториот најпогоден дел од светот, со опаѓање на животинските популации за 66%. По неа следуваат Азија и Пацификот со 55% пад и Северна Америка со 20% пад. Европа и Централна Азија имаат опаѓање од 18%.
„И покрај науката, катастрофалните проекции, страстните говори и ветувања, шумите кои горат, државите под вода, рекордните температури и милионите раселени, светските лидери и понатаму продолжуваат да седат и да гледаат како светот гори пред нашите очи. Климатската криза и природната криза, со нивните испреплетени судбини, не се само некоја далечна закана која ќе ја решаваат нашите внуци со се` уште неоткриена технологија“, додава Стил.
Во извештајот како еден од главните проблеми се наведува се поголемиот проблем животните слободно да се движат низ нивните територијални површини, бидејќи се блокирани од инфраструктура и земјоделско земјиште. Само 37% од реките подолги од 1.000 километри течат слободно низ целата нивна должина, додека само 10% од светските копнени заштитени подрачја се поврзани меѓусебно.