Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Оние кои заминуваат од Омелас“, од американската писателка на научна фантастика, Урсула К. Ле Гвин. Преводот е на професорката Јасна Котеска, од 2015 година. Истиот, претходно е објавен и на off.net.mk
Оние кои заминуваат од Омелас
Со врева од ѕвона што ги натера ластовичките да се вивнат кон небото, Фестивалот на летото дојде во градот Омелас, со сјајни кули покрај морето. Јажињата од бродовите во пристаништето блескаа од знамињата. На улиците меѓу куќите со црвени покриви и бојадисани ѕидови, меѓу старите градини обраснати со мов и под дрворедите, покрај големите паркови и јавните згради, се движеа поворки. Некои беа пристојни: стари луѓе со долги крути облеки во светло виолетова или сива боја, сериозни мајстори, тивки, весели жени што си ги носат дечињата и си разговараат додека одат. Во други улици музиката удира побрзо, трепери гонгот и дајрето, и луѓето заигруваат, поворката се претвораше во танц.
Децата истрчуваа и пак се враќаа во поворката, нивните пискања се издигнуваа како ластовички што надлетуваат над музиката и пеењето. Сите поворки завиваа кон северниот крај од градот, каде на една голема росна полјана наречена Зелени Полиња момчиња и девојки, голи на свежиот воздух, со калосани стапала и глуждови и долги, витки раце, ги вежбаа нивните нервозни коњи пред трката. Коњите немаа никаква опрема, освен узди. Гривите им беа исплетени со сребрени, златни и зелени ленти. Тие ги ширеа ноздрите, се креваа на задните нозе и се здаваа еден кон друг; беа многу возбудени, како единствени животни кои го усвоиле нашиот начин на однесување како свој. Далеку на север и на запад се исправаа планините кои до половина го опкружуваа Омелас во неговиот залив.
Утринскиот воздух беше толку чист, што снегот кој сè уште ги овенчуваше Единаесетте Врвови гореше со златнобел оган низ милјите на осончан воздух, под темното синило на небото. Имаше одвај доволно ветер да ги натера знаменцата што ја обележуваа тркачката патека одвреме навреме да затреперат и да се развејат. Во тишината на пространите зелени полјани човек можеше да ја чуе музиката како завива низ градските улици, од подалеку и од поблиску и како постојано се приближува, една весела омамлива слаткост на воздухот којашто одвреме навреме трепереше и се собираше на едно место и избиваше преку силното радосно ѕвечење на ѕвоната.
Радосно? Како да се раскаже радоста? Како да се опишат граѓаните на Омелас?
Знаете, тие не беа прости луѓе, иако беа среќни. Но, ние не кажуваме веќе многу весели зборови. Сите насмевки станале архаични. Кога е даден еден ваков опис човек тежнее да направи одредени претпоставки. Кога е даден еден ваков опис човек тежнее да го побара Кралот, качен на прекрасен пастув и опкружен од неговите благородни витези, или можеби во златен оклоп покрај крупни мускулести робови. Но крал немаше. Тие не употребуваа мечови, ниту држеа робови. Не беа варвари. Не ги знам правилата и законите на нивната заедница, но претпоставувам дека ги имало сосема малку. Како што живееја без монархија и ропство, исто така поминуваа и без размена на стоки, рекламирање, тајна полиција, и бомбата. Сепак, повторувам дека тоа не беа прости луѓе, ниту милозвучни овчари, благодорни дивјаци, слепи утописти. Тие не беа помалку сложени од нас.
Маката е што ние имаме една лоша навика, што ја охрабруваат оние педантните и префинетите, среќата да ја сметаме за нешто глупаво. Само болката е интелектуална, само злото интересно. Ова е предавство на уметникот: одбивањето да се признае баналноста на злото и ужасната здодевност на болката. Ако не можеш да ги победиш, придружи им се. Ако боли, повтори го истото. Но славењето на очајот значи осуда на восхитот, прегрнувањето на насилството значи да загубиш сè друго. Ние сме загубиле многу работи; повеќе не можеме да опишеме среќен човек, ниту да направиме една прослава на радоста. Како можам да ви раскажам за луѓето од Омелас?
Тие не беа наивни и среќни деца – иако нивните деца беа, фактички, среќни. Тие беа зрели, интелигентни, страствени возрасни луѓе чиишто животи не беа бедни. О, чудо! но би сакала да можев да ги опишам подобро. Би сакала да можев да ве уверам. Омелас во моите зборови звучи како град од бајка, некогаш одамна и некаде далеку, си бил еднаш. Можеби би било најдобро ако си го замислите во согласност со вашите сопствени фантазии, кои можеби ќе се поклопат со сликата, зашто се разбира јас не можам да ви погодам на сите. На пример, што е со технологијата? Мислам дека не би имало автомобили или хеликоптери на и над улиците; ова следи од фактот што луѓето на Омелас се среќни луѓе. Среќата се заснова на праведното разликување на она што е неопходно, она што не е ниту неопходно ни деструктивно, и она што е деструктивно. Во средната категорија, во секој случај – онаа на ненеопходното но недеструктивно, онаа на конфорот, луксузот, бујноста, итн. – тие би можеле без проблем да имаат централно греење, подземна железница, машини за перење, би можеле да ги имаат сите видови чудесни направи се уште неизмислени овде, пловечки светлоизвори, безгоривна сила, лек за настинка. Или би можеле да немаат ништо од тоа; не е важно.
Како сакате. Јас сум наклонета да мислам дека луѓето од градовите погоре и подолу по брегот доаѓаа во Омелас последните денови пред Фестивалот со многу брзи вовчиња и двоспратни трамваи, и дека железничката станица на Омелас е всушност најзгодната зграда во градот, иако поедноставна од величествениот Градски Саем. Но, иако претпоставивме дека има возови, се плашам дека Омелас досега на некои од вас им изгледа како нешто како-да-не. Насмевки, ѕвона, паради, коњи, фуј. Ако е така, ве молам додајте оргија. Ако помогне оргијата, не се двоумете. Во секој случај, нека немаме храмови од кои излегуваат убави голи свештеници и свештенички веќе до половина во екстаза и спремни за копулација со кој било маж или жена, љубовник или туѓинец, кој сака единство со длабокото божество на крвта, иако тоа беше мојата прва идеја. Но, навистина, би било подобро да немаме никакви храмови во Омелас – барем не храмови со луѓе. Религија да, клер не. Сигурно убавите голи девојки можат само да лутаат наоколу, нудејќи се себе си како божествени суфлеа на гладта на оние кои имаат потреба и на занесот на плотта. Тие нека се вклучат во поворките. Дајрињата нека удираат над копулациите, а славата на желбата нека се објавува преку гонговите, и (и ова не е неважен момент) изданоците на овие ритуали полни со уживање нека бидат сакани и пазени од сите. Едно нешто за што знам дека воопшто го нема во Омелас е вината. Но што друго би требало да има таму? Првин си мислев дека таму немало дроги, но тоа е пуритански. За оние на кои им се допаѓа тоа, омамливата настојчива слаткост на опојните супстанци би можела да ги намирисува патеките на градот, опој кој најпрвин предизвикува една голема лекост и јасност на умот и екстремитетите, а потоа, по некој саат, еден поспана малаксаност, и најпосле чудесни визии на најскриените и најдлабоки тајни на Универзумот, истовремено зголемувајќи го задоволството од сексот над секоја замисла; и не создава зависност.
За поскромните вкусови, мислам дека би требало да има пиво. Што друго, што друго би имало во тој радосен град? Чувство на победа, сигурно, прослава на храброста. Но, со оглед на тоа што поминавме без клер, да поминеме и без војници. Радоста изградена врз успешен колеж не е вистинскиот вид радост; не би одело; таквата радост е страшна и тривијална. Една безгранична и општа задоволност, еден великодушен триумф кој се чувствува не кон некој друг непријател туку во општењето со најфиното и најбеспрекорното во душите на сите луѓе насекаде и со милината на светското лето: ова е тоа што ги преполнува срцата на луѓето од Омелас, и победата што тие ја слават е победата на животот. Навистина не мислам дека многумина од нив имаат потреба од опој.
Повеќето поворки стигнаа до Зелените Полиња досега. Неверојатен мирис на зготвено излегува од црвените и сини шатори на набавувачите. Лицата на малечките деца се симпатично лепливи; во меката сива брада на еден човек се заплеткале неколку трошки од некој богат колач. Младичите и девојките се качиле на нивните коњи и почнуваат да се групираат околу стартната линија на патеката. Една старица, малечка, дебела, и насмеана, дели цвеќиња од корпата, и високите млади луѓе ги носат нејзините цвеќиња во нивната сјајна коса. Едно дете од девет или десет години седи на крајот од толпата, само, и свири на дрвена шупелка. Луѓето запираат да слушнат, и се насмевнуваат, но не му зборуваат, зашто тоа никогаш не престанува да свири и никогаш не ги погледнува, неговите темни очи се потполно занесени во слатката, истенчена магија на мелодијата.
Завршува, и пополека ги спушта неговите раце, држејќи ја дрвената шупелка.
Како тој краток приватен молк да беше сигналот, одеднаш од павилјонот крај стартната линија зазвучува труба: царски, меланхолично, продорно. Коњите потскокнуваат на нивните витки нозе, а некои од нив одговараат со ‘ржење. Со сериозни лица, младите јавачи ги потчукнуваат коњите по вратовите и ги смируваат, шепотејќи, “Мирен, мирен, така, убавец мој, надеж моја…”. Почнуваат да се местат во редица околу стартната линија. Народот околу тркачката патека е како ливада со трева и цвеќиња на ветрот. Фестивалот на Летото започна.
Ви се верува ли? Дали го прифаќате фестивалот, градот, радоста? Не? Тогаш, да ви раскажам уште нешто.
Во подрумот на една од убавите јавни згради на Омелас, или можеби во подрумот на една неговите пространи приватни куќи, постои една соба. Собата има една заклучена врата, и нема прозорец. Малку светлина се пробива внатре низ процепите меѓу штиците, посредно од еден прозорец покриен со пајажина што се наоѓа некаде отспротива на подрумот. Во еден агол на собичката пар четкасти џогери, со закоравени, стуткани, засмрдеани четки стојат крај една ‘рѓосана кофа. Подот е покриен со прашина, малку влажна на допир, каква што е обично подрумската прашина. Собата е отприлика три чекори долга и два чекора широка: обичен шкаф за метли или сопче за алати што веќе не се користи. Во собата седи едно дете. Може да е момче или девојче. Изгледа како да има шест години, но всушност има скоро десет. Слабоумно е. Можеби е родено дефектно, а можно е да станало слабоумно од страв, неисхранетост и негрижа. Си го чепка носот и повремено си ги допира неодредено прстите на нозете и гениталиите, бидејќи седи стуткано во аголот кој е најдалеку од кофата и двата четкасти џогера. Се плаши од џогерите. Му изгледаат страшни. Ги затвора очите, но знае дека џогерите се сè уште тука; и вратата е заклучена; и никој нема да дојде. Вратата е секогаш заклучена; и никој никогаш не доаѓа, освен што понекогаш – детето нема поим за време или интервал – понекогаш вратата ужасно зачкрипува и се отвора, и едно лице, или неколку луѓе, се таму. Еден од нив можно е да дојде и да го клоцне детето за да го натера да застане. Другите никогаш не се доближуваат, туку зјапаат во него со уплашени, згрозени погледи. Чинијата за храна и бокалот за вода набрзина се наполнети, вратата е заклучена, очите исчезнуваат. Луѓето на вратата никогаш не кажуваат ништо, но детето, кое не живеело отсекогаш во оставата, и може да се сети на сончевата светлина и гласот на мајка му, понекогаш проговорува. “Ќе бидам добар”, вели, “Ве молам, пуштете ме. Ќе бидам добар!” Тие никогаш не одговараат. Детето порано повикувало на помош ноќе, и многу плачело, но сега само испушта некаков завивачки звук, “ее-ааа, ее-ааа”, и зборува се’ поретко. Толку е слабо што воопшто нема листови на нозете; стомакот му се дуе; живее на половина чинија палента и маст на ден. Голо е. Газето и бутините се една маса од загноени отворени рани, зашто тоа седи во својот измет постојано.
Сите знаат дека тоа е таму, сите луѓе од Омелас. Некои од нив имаат дојдено да го видат, на други им е доста само да знаат дека е таму. Сите тие знаат дека тоа мора да биде таму. Некои од нив разбираат зошто, а други не, но сите тие разбираат дека нивната среќа, убавината на нивниот град, нежноста на нивните пријателства, здравјето на нивните деца, мудроста на нивните учени луѓе, вештината на нивните мајстори, дури и изобилието на нивната жетва и убавото време на небото над нивниот град, зависат целосно од грозната беда на ова дете.
Ова обично им се објаснува на децата кога тие се на возраст меѓу осум и дванаесет години, штом ќе бидат, како што се чини, способни да разберат; и повеќето од оние кои доаѓаат да го видат детето се млади луѓе, иако доста често возрасни луѓе доаѓаат, или доаѓаат повторно, да го видат детето. Без оглед на тоа колку добро им била објаснета работата, овие млади гледачи секогаш се шокирани и им се згадува од глетката. Чувствуваат гадење, коешто сметале дека го имале надминато. Чувствуваат гнев, бес, немоќ, и покрај сите објаснувања. Би сакале да направат нешто за детето. Но не можат да направат ништо. Кога детето би било изведено на сонце од тоа одвратно место, кога би било исчистено и нахрането и згрижено, тоа навистина би било нешто добро; но кога тоа би било направено, истиот ден и час сиот просперитет, сета убавина и веселост на Омелас би свенале и би биле уништени. Тие се условите. Да се размени се’ што е добро и пријатно во сечиј живот во Омелас за тоа едно единствено, малечко подобрување: да се отфрли среќата на илјадници за можноста за среќа на еден: тоа би значело да се пушти вината меѓу ѕидините, навистина.
Условите се строги и апсолутни; не може дури ниту убав збор да му се каже на детето.
Често младите луѓе си одат дома во солзи, или во нем бес, откако ќе го видат детето и ќе се соочат со овој ужасен парадокс. Тие можеби ќе размислуваат за тоа со недели или години. Но, како што поминува времето, почнуваат да сфаќаат дека дури и кога детето би можело да биде ослободено, не би можело да има многу полза од својата слобода: малку неодредено задоволство или топлина и храна, без сомнение, но ништо повеќе. Премногу е пропаднато и премногу му е ослабен умот за да знае за каква било реална радост. Премногу долго било во страв за да биде слободно од стравот. Неговите навики се премногу чудни за да може да одговори на некаков хуман третман. Навистина, после толку долго време, тоа најверојатно би било несреќно без ѕидовите околу него за да го заштитат, и без темнината за неговите очи, и без својот измет да седи во него. Нивните солзи поради горчливата несправедливост се исушуваат кога ќе почнат да ја осознаваат ужасната справедливост на реалноста, и да ја прифаќаат. Сепак, токму нивните солзи и нивниот гнев, обидувањето на нивната широкоградост и прифаќањето на нивната беспомошност, најверојатно, се вистинскиот извор на сјајот на нивните животи. Нивната среќа не е некоја блуткава, неодговорна среќа. Тие знаат дека тие, како и детето, не се слободни. Знаат за сожалување. Токму постоењето на детето, и тоа што тие знаат за неговото постоење, е она што ја овозможува благородноста на нивната архитектура, трогателноста на нивната музика, длабочината на нивната наука. Токму поради детето тие се толку нежни со децата. Знаат дека кога тоа бедното не би било таму, цимолејќи во темнината, она другото, свирачот на шупелка, не би можело да создава радосна музика додека младите јавачи се редат во сета нивна убавина за трката под светлината на сонцето во првото летно утро.
Сега, верувате ли во нив? Зар не се тие сега поверојатни? Но, има уште едно нешто да се каже, и тоа е сосема неверојатно.
Се случува некое од веќе пораснатите девојчиња или момчиња кои одат да го видат детето да не си оди дома да плаче или да се лути, всушност, воопшто да не си оди дома. Понекогаш и некој маж или жена, многу постари, исто така тонат во молк ден или два, а потоа го напуштаат домот. Овие луѓе излегуваат на улица, и одат по улицата сами. Одат и одат, и излегуваат од градот Омелас, низ убавите капии. Продолжуваат да одат преку полињата на Омелас. Секој од нив оди сам, момче или девојка, маж или жена. Паѓа ноќ; патникот мора да ги помине селските улици, да помине меѓу куќите со жолто-осветлени прозорци, и да излезе понатаму во темнината на полињата. Секој сам, тие одат на запад или север, кон планините. Продолжуваат да одат. Го оставаат Омелас, одат напред во темнината, и не се враќаат. Местото кон коешто одат и едно место за многумина од нас уште понезамисливо од градот на среќата. Јас воопшто не можам да го опишам.
Можно е и да не постои. Но, изгледа дека тие знаат каде одат, оние кои си заминуваат од Омелас.”
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.