Со почеток во 20 часот, вечерва (14 октомври) во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе се отвори изложбата насловена „ТРАГИ“ на Горан Ристовски.
„Во овој негов циклус дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж, и одново ‘привлечен’ од сензацијата која цртачките елементи на изразот и класичниот графички отисок се способни да ја дадат, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овојпат работени исклучиво во техника линорез, со димензии кои варираат главно помеѓу 100х60см, 80х50 и 50х70см“, вели Ангела Витановска, историчарка на уметност.
Кураторката Дијана Томиќ Радевска вели дека Ристовски ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика.
„Погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивно линеарен третман кој ги спојува цртежите и графиките, линорези во нови ‘Избришани пејзажи’. Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот својот активизам го практикува забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност“, објаснува Томиќ Радевска.
Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга, дипломирал во 2009 годидна на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувал на многу проекти и групни изложби во Македонија и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид и Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, графичкиот дизајн, муралот, инсталацијата, фотографијата, вклучувајќи и користење на готови предмети. Работи како професор по Ликовна уметност во Струга, еден е од основачите и членовите на уметничкото здружение ИНКА од Струга.