Бернската Конвенција по вторпат годинава ја опомена Владата дека не им испратила одговор кога ќе можат да ја реализираат посетата на Охрид и да утврдат во каква состојба се наоѓа градот заштитен од УНЕСКО како Светско културно и природно наследство. Земјава веќе еднаш доби ваква опомена во мај годинава, откако го пропушти рокот за одговор до Конвенцијата во февруари, пишува Мета.
Како што се наведува во последната Одлука за Охридско Езеро и Галичица, усвоена од страна на Бирото на Постојниот Комитет во минатиот месец, македонските власти освен што не потврдуваат кога ќе ги пречекаат меѓународните експерти на Конвенцијата, на кои е најавено дека ќе им се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, туку не ги доставиле ниту задолжителните извештаи до конвенцијата.
Бернска Конвенција минатата година во декември отвори случај против земјава за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица, по жалба поднесена во 2016 година од страна на граѓанска организација „Фронт 21/42“. Од таму велат дека предупредувањата на странските и домашните експерти за заканите за Охрид и Охридското Езеро, очигледно не се сфатени сериозно од нашите институции.
„Состојбата е исклучително загрижувачка и поразителна. Бернската Конвенција повторно ја опоменува Владата дека од пред речиси една година е отворен случајот против С. Македонија за Охридско Езеро и Галичица, и тоа како доста сериозен случај. Тогаш, заедно со одлуката, до нас како тужители и до Владата, беше испратена и предлог содржината на Мисијата со препорачаните активности на терен при посетата на експерите. Ние на предлогот испративме повратна согласност во рокот до февруари, но иако изминува речиси една година од тогаш, одговор од Владата нема, а тоа е услов за да се реализира посетата. За нас ова упатува на тактизирање, а истовремено е и израз на непочит кон сопственото природно наследство, а воедно и кон органите на Бернската Конвенцијата и нивните одлуки“, велат од „Фронт 21/42“.
Негрижата за Охридскиот Регион е истакната и во последниот Извештај на ЕК за напредокот на С. Македонија, во кој меѓу другото се констатира неспроведувањето на препораките од УНЕСКО и се бара посилна посветеност и од централата и од локалните власти. Во извештајот е нотиран и новоотворениот случај од страна на Бернската Конвенција за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“.
„Во август 2021 година, Комитетот за светско наследство ѝ даде на земјата дополнителни две години да ги спроведе препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион. Имплементацијата на препораките останува недоволна и бара посилна посветеност и реакција од националните и локалните власти. Во декември 2021 година, Постојаниот комитет на Бернската конвенција донесе одлука за отворање случај за локалитетите Емералд на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица како резултат на загриженоста покрената за влијанието од неконтролираните инфраструктурни проекти врз локациите“, стои во најновиот извештај.