„Скопски џез фестивал“ влезе во својот трети ден од официјалната програма. Оваа саботна вечер во Националната опера и балет ќе стартува со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас.
„Искачувајќи го трнливиот пат од фавелите во североисточниот дел на Бразил до врвот, тој успеа со молскавична брзина да стекне статус на светска џез-икона. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега – албумот ‘Sankofa’, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил. Подготвен да ги преиспита традиционалните структури на џезот, Амаро Фреитас поседува звук што ќе ви овозможи да го откриете пијаното на еден нов начин“, соопштија од фестивалот.
По него е најавена супергрупата „Сабропок Аркестра“ на трубачот Горан Кајфеш.
Според организатороте, се работи за веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етио-џез и биг-бенд фанк корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез музичари.
„Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика. Без разлика од која точка започнува нивното еклектично звучно патување, музиката е претставена со неверојатна страст, раскошни познавања и сензуална свежина што овој состав го чини толку посебен и специјален. Горан Кајфеш Сабропик Аркестра е врвен доказ дека музиката го прави животот вреден за живеење“, најавија од „Скопски џез фестивал“.
Полноќната саботна програма во МКЦ ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – „Њу фјучр сити радио“.
Како што посочуваат од фестивалот, двајцата подеднакво одговараат за електронските делници, но секој посебно го презема водството кога е потребно, со своите специјалитети – Роб со трубата, а Дејмон со гласот.
„Нивната музика во еден миг може да зазвучи отворено бомбастична, а во следниот нежно емотивна, а најчесто е некаде во средината. Велат: „Зборуваме за пост, пост, пост, иднина. Зборуваме за издржливост и левитација. Зборуваме за убавината и структурниот интегритет на нашиот народ. Зборуваме за светлосните зраци кои раскажуваат приказни и едуцираат. Ајде да зборуваме за новата иднина!“ Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара (Hurtmold, São Paulo Underground…)“, се вели во најавата.
Инаку, во склоп на својата програма, „Скопски џез фестивал“ за денеска од 12-13:30 часот организираше и работилница за сите мали џезери и џезерки под наслов „Јazz for kids“, со цел да се претстават основите на џезот и импровизацијата низ предавање, игра и вежбање на разни перкусивни инструменти (тапани, удиралки, звончиња, дајриња и сл.). За работилницата ја водеа познатите џез барабанџии Гоце Наумов (Македонија) и Марјан Станич (Словенија).