Мај 2020 година. Шест-седум пријатели се собираат да го оформат Доброволното противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ – Битола со цел да придонесат за добробит во нивното општество.
Денес ова друштво брои 105 членови, но одговорните се’ уште не ја препознаваат нивната мисија, па не им ги доделуваат потребните средства што според закон следуваат за одржување на активноста на друштвото.
„Заради материјално техничката оспособеност и просторните услови кои за жал ги немаме онака како што треба, според потребите, можеме да координираме и да истакнеме активност на само 30-тина вљубеници во доброволното пожарникарство поради проблемите со простор, опрема и возила“, велат од ДПД „Архангел“.
Имено, согласно член 21, став 3 во Законот за пожарникарство, општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје обезбедуваат простор и финансиски средства за тековна активност на доброволните противпожарни друштва и општинскиот противпожарен сојуз на своето подрачје.
Во ставот 1 од овој член на Законот стои дека заради организирано учество на граѓаните во заштитата од пожари и други непогоди, во општините можат да се формираат доброволни противпожарни друштва, кои претставуваат дел од единствениот систем на заштита од пожар.
Според тоа, ДПД „Архангел“ досега има дејствувано во пелагонискиот регион, односно општините Битола, Могила, Новаци и други во округот. Сепак, како што раскажуваат, средствата потребни за интервенција се принудени да ги одделуваат од сопствениот буџет.
„Проблем се финансиите затоа што за секоја интервенција одделуваме средства од нашиот домашен буџет, ги користиме нашите сопствени возила или на членови и поддржувачи, и најчесто со нив не стигнуваме до самото место, а често и пешачиме по непристапни терени или терени каде што се оди само со теренско возило или камион, каде се губи време да стигнеме. А кога сме на самото место веќе дел од нашата сила е потрошена“, забележуваат од „Архангел“ од каде додаваат дека се трудат секогаш да се навремени и што побрзо да пристигнат на местото каде има потреба од интервенција.
Во објектот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола нема место и за ДПД „Архангел“
Конкретно, нивните барања ги насочуваат кон локалната самоуправа од кад бараат соодветно возило и соодветен простор, канцеларија или станица каде ќе може да се состануваат и да се координираат со цел активирање на сите веќе впишани, но пасивни членови на друштвото.
По неколкуте средби што досега ги оствариле со претставниците на Општината, секое излегување оттаму, како што ни изјавија, им влева надеж, но потоа ништо не се случува. И тоа трае веќе две години.
„Средби со претставници од Општина Битола имало безброј и сите досега биле коректни и конструктивни и со голем број позитивни критики и пофалби, со искрени одговори за помош и поддршка за нашите законски можности. За жал, по средбите сивило и мрак. Борба, очај и трнлив пат за секое ново утро со желба дека ќе дојде денот за нешто конкретно, за нешто што следува, за нешто што некаде постои, функционира, помага, поддржува, а тука мрак и неверување“, објаснуваат од ДПД „Архангел“.
Ова за Радио МОФ го потврдуваат и од Општина Битола, од каде уверуваат дека по средбите се извршени консултации за изнаоѓање решение.
„После извршените консултации, констатирано е дека ТППЕ Битола, во моментот се соочува со недостаток на простор, поради што и локалната самоуправа започна со изготвување на проектна документација за изградба на нова зграда за противпожарната единица. Во моментот, во постоечкиот објект нема дополнителен простор кој би можел да се стави во функција за работа на ДПД ‘Архангел’“, велат од Општината.
Оттаму сугерираат дека иако постои членот 21 во Законот за пожарникарство, согласно член 18, став 1 од Законот за користење и располагање со ствари во државна и општинска сопственост, за Општината не се предвидува можноста да додели недвижни ствари на располагање.
„Само Владата може со одлука да даде на времено или трајно користење недвижни ствари во државна сопственост. Согласно овој Закон за општините не е предвидена таква можност. Општина Битола, останува отворена за соработка со ДПД „Архангел“ и овозможување на потребната поддршка согласно законската регулатива“, велат од Општината.
Истовремено, од Општината не ни одговорија на прашањето за обезбедување на соодветното возило што е неопходно за вршење на работата на противпожарните здруженија и за кое има потреба ДПД „Архангел“, а што според Законот припаѓа на движни ствари.
Стратегија и план за држење обуки за помладите генерации
Според Законот за пожарникарство, оперативен пожарникар во доброволна противпожарна единица може да биде лице кое е на возраст меѓу 18 и 65 години (мажи), односно до 55 години (жени). Со цел запознавање и на помладото население со нивната работа, како и некои основни познавања за тоа како треба да се реагира при ситуација на пожар, ДПД „Архангел“ дошле до идеја за формирање на млади противпожарни секции во училиштата.
„Делот со најмладите односно училиштата и образовните институции е замислен како цел младите од мали нозе да ја познаваат заштитата, безбедноста во домот околината и училиштето, исто така и општествената одговорност на секој граѓанин. Програмата и стратегијата од оваа тематика е комплексна и сеопфатна што носи далекусежни проверени добри резултати во општеството и околината, за што се предвидени работилници во училиште, природа, доброволно противпожарно друштво-станица, потоа игри, натпревари, размена на искуства, збратимување со младински единици од ДПД од регионот“, нагласуваат соговорниците.
Како што објаснуваат, преку ваквите противпожарни клубови за обучување започнале да држат предавања по часовите, како дел од вон-наставна програма што претходно е одобрена од Министерството за образование и наука. Според кажувањето, поддршката ја добиле уште во 2013 година кога идејата постоела само како нацрт.
„За жал освен тоа што не’ поддржаа да предаваме, од Министерството ни соопштија да не се надеваме на финансиска поддршка“, велат од „Архангел“. „И покрај тоа предававме две учебни години, но за понатаму потребна ни е станица каде ќе може да се состануваме и да ги правиме работите што ги наброивме“, подвлекуваат од ДПД „Архангел“.
По нивните истражувања и контакти со регионот, од Друштвото велат дека во последниот период речиси секое населено место во Хрватска, Словенија и Србија има организирана противпожарна станица доброволна или професионална.
„Во споменатите земји постарите возила од противпожарните единици се донираат на ДПД и возила од полиција и армија кои не се користат исто така се доделуваат, кај нас голема и застрашувачка бројка седи со години и децении по плацови и хангари без никаков план за истите, кои лесно се пренаменуваат и би биле огромна поддршка на ДПД, а се разбира при поголеми пожари и непогоди повторно во служба на државата и граѓаните“, истакнуваат од Друштвото.
Ваквата можност во земјава е регулирана со Законот за користење и располагање со ствари во државна и општинска сопственост, член 44, став 1 каде стои дека „Движните ствари за кои времено или трајно престанала потребата за користење од државните органи и правните лица основани од државата, можат времено или трајно да се дадат на користење на други државни органи, правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации, кои имаат потреба од користење на движните ствари“.
Ангела Бошкоска