Глобален протест на активистите на Гринпис: Не сме заплашени!

Глобален протест на активистите на Гринпис: Не сме заплашени!Активистите и поддржувачи на Гринпис со протести низ целиот свет побараа Русија да ги ослободи уапсените 30 членови на организацијата. Како што пренесе Дојче Веле, само во Германија денеска се организирани околу 45 протестни акции.

Демонстрации се одржуваат во 47 држави во знак на поддршка на глобалниот ден на солидарноста, откако во Русија беше притворен екипажот на бродот „Арктик Санрајс“ чии членови на Гринпис сакаа да се спротивстават на нафтените истражувања во арктичкиот регион.

Протестите започнаа во Нов Зеланд, па се шират кон Русија и во Западна Европа, за да запрат пред рускиот научно-културен центар во Вашингтон, јави АФП. Против сите уапсени во Русија е подигнато обвинение за пиратство, а ако бидат прогласени за виновни им прети казна затвор до 15 години.

Директорот на Гринпис, Куми Најд изјави дека руските власти со заплена на бродот на неговата организација и со апсење на активистите, го започнаа најлошиот напад на меѓународната еколошка организација, по потопоувањето на еден нејзин брод во 1985 година.

Означувајќи го почетокот на глобалните протести, тој истакна дека неговата организација не е заплашена и побара ослободување на уапсените. И Холандија има намера да преземе правни чекори против Русија, беше објавено вчера, со оглед на фактот што бродот пловел под холандско знаме.

 

Русија е под зголемен меѓународен притисок, а помала група активисти денеска излегоа во паркот Горки во Москва. Сепак , како што изјави рускиот министер за надворешни работи Алексеј Мешков, последните настаните околу „Арктик Санрајс“ се провокација, објави агенцијата Риа Новости.

„Русиjа ја замоли Холандија повеќе пати во изминатите 6 месеци да ги забрани активностите на бродот“, рече Мешков.