Редок индувидуален протест против кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг беше инспирација за голем број протести во знак на солидарност низ светот додека неделава се одржува конгресот на владејачката Кинеска комунистичка партија.
Во четвртокот еден човек закачи транспарент преку мост во кинескиот главен град на кој се обвинува Џинпинг како диктатор. Човекот брзо беше приведен, но фотографиите од неговата акција се проширија низ светот.
Оттогаш слични пораки и знаци се појавија на неколку универзитетски кампуси во САД, Европа, Австралија и на други места.
„Ние, луѓето од Кина, сакаме да ја рашириме оваа порака и да кажеме што мислиме без цензура“, гласи една рачно напишана порака во Колеџот Колби во американската сојузна држава Мејн.
Многумина ја ископираа пораката која човекот ја постави на мостот Ситонг во Пекинг. На сликата подолу може да се види транспарент кој се појави на Универзитетот на Мелбурн во Австралија вчера.
Seen in Arts West pic.twitter.com/LOWvymZVa7
— Sarah Rogers (@china_geography) October 16, 2022
Од информациите достапни преку страниците на социјалните мрежи може да се видат протестни постери, пораки и транспаренти и на Универзитетот Стенфорд, колеџите Емори и Голдсмит, Универзитетот во Торонто, како и на универзитети во Хонг Конг.
Слични гестови на отпор се појавиле и низ Кина, а дел од нив се повикуваат на протестите на Тиананмен од 1989 година.
„Духот на 8964 никогаш нема да се убие“, пишува на еден графит кој се појавил на јавен тоалет во градот Сичуан, кој алудира на датумот кога крваво беа задушени тогашните протести во Пекинг.
Протестот од минатата недела предизвика брза цензура во онлајн просторот во Кина, откако сите слики, видеа и зборови како „Хајдан“, „Демонстрантот од Пекинг“ и „Мостот Ситонг“ исчезнаа од кинеските социјални мрежи. Дури и зборови како „херој“ или „мост“ на корисниците им враќале ограничени резултати.
Безбедноста во Пекинг во деновите по протестот е засилена, а на мостовите низ градот може да се забележи поголемо присуство на полицијата.
Протестот се случи во пресрет на 20-тиот конгрес на Комунистичката партија, кој ќе трае до недела. Џинпинг се очекува по третпат да биде реизбран за лидер на партијата, со што уште повеќе ќе ја зацврсти својата власт.