Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје утре напладне ќе протестира пред Владата, најави денеска секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.
Од ЈСП бараат исплата на септемвриската плата, а градската власт побара од должниците кон претпријатието итно да ги исплатат своите обврски за да се овозможи нормално функционирање на претпријатието.
„Во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“, истакна Глогоров.
Тој посочи дека долговите кон ЈСП го оневозможуваат нормалното работење и создаваат проблеми.
„Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП Скопје има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантно и да не ги исполнуваат своите обврски. Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од утре среда 12 часот ќе отпочне со протест пред Влада се до подмирување на долговите кон ЈСП“, рече Глогоров.
Вчера вработените во ЈСП-Скопје се заканија дека јавниот превоз во градот ќе прекине доколку не им биде исплатена септемвриската плата. Од ЈСП, пак, преку соопштение најавија нејзина исплата и потенцираа дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз.
ЈСП најави исплата на септемвриската плата откако синдикатот се закани со штрајк