ЈСП: Блокиран јавниот превоз во Скопје поради анонимна дојава за бомба во еден од автобусите

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје информира дека од утринава, по налог на МВР, сите возила на ЈСП Скопје се повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од возилата.

Од МВР информираа дека лицето кое ја испратило заканата е приведено, а станува збор за човек вработен во ЈСП – Скопје.

„Денеска од полициски службеници е приведен Ј.И. вработен во ЈСП, по претходна пријава околу 5 часот од ЈСП дека од неговиот меил на службениот меил на ЈСП и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП бил пратен меил со закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денес за време на протестите. Се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Од ЈСП – Скопје посочуваат дека екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка.

„ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“, се наведува во соопштението на ЈСП – Скопје.