Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздрави одлуката на Основниот граѓански суд во Скопје кој го одби барањето редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) да ги отстрани објавените содржини со наслов „Нечиста крв“, во кој тие разоткрија бројни пропусти во лекувањето на пациенти со Ковид-19 во приватната клиника „Жан Митрев“.
Ова барање следи по поднесената тужба против ИРЛ од страна на докторот Жан Митрев и приватната здравствена установа – Клиничка болница „Жан Митрев“ – Скопје.
До ИРЛ беше поднесена тужба за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и надомест на нематеријална штета во вредност од 1.200.000 денари. Од ЗНМ велат дека во тужбата се барало Судот да наложи на ИРЛ веднаш да се отстранат објавените содржини со наслов „Нечиста крв“, односно објавите на документарниот видео запис со истоимениот наслов на МРТВ, Јутјуб каналот на ИРЛ и Фејсбук профилот на ИРЛ.
„ЗНМ во однос на ова реагираше во одбрана на правото на слобода на изразување и известување на јавноста, односно барањето да се избрише „Нечиста крв“ претставува апсурд и опасност. За овој обид за цензура ЗНМ ги извести своите меѓународни партнери Европската федерација на новинари и Меѓународната федерација на новинари“, посочуваат од ЗНМ.
Во истражувачката документарна емисија „Нечиста крв“ од ИРЛ објавија повеќе сведоштва на семејства на пациенти дека Клиниката „Жан Митрев“ криела податоци за интрахоспитални бактериски инфекции кај пациентите, како и тоа дека ја користеле хемофилтрацијата на крвта како метод за лекување на Ковид-19 во клинички испитувања, за кои ниту ги информирале семејствата на пациентите, ниту пак имале дозвола за такви испитувања од надлежните институции.
По објавата на новинарското истражување против Клиниката „Жан Митрев“ беше отворена истрага, а беше направена и вонредна инспекција од здравствените власти.