Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека избрани се 118 основни училишта од сите општини во Северна Македонија кои ќе се реконструираат за подобрување на пристапноста до објектите, како и за подобрување на хигиенско – санитарните услови.
„Тим на Министерството заедно со стручни лица, врз основ на критериуми поврзани со пополнетоста и искористеноста на капацитететите, изврши увид во состојбата во која се наоѓаат и ги одбра училишните објекти во кои во следниот период ќе се изградат пристапни рампи, ќе се реновираат санитарните јазли и ќе се изведат посебни тоалети за децата со атипичен развој, а во некои училишта ќе се реновираат и внатрешната столарија и подовите. Во оваа активност за создавање на училишта без бариери, Министерството за образование и наука има поддршка од Светска банка, во рамки на новата четиригодишна Стратегија на Банката за партнерство со земјата за периодот 2019-2023 година“, велат од МОН.
Реконструкцијата на училиштата е дел од Проектот за унапредување на основното образование, чија основна цел е да ги подобри условите за учење во основното образование во земјата.
Вкупната вредност на проектот изнесува 21,5 милиони евра и се имплементира преку единица за управување со проектот во рамките на Министерството за образование и наука.