Десетици средношколци и пратеници во Собранието денеска разговараа на тема поврзана со законското регулирање на средношколското организирање и учество, прашање кое е предвидено да биде внесено во измени на Законот за средно образование, изработено од Сојузот на средношколци.
Претседателот на сојузот Лука Павиќевиќ вели дека самото законско решение е револуционерно, бидејќи, како што посочи откако е донесен Законот за средно образование, досега никој не нашол за сходно да го регулира средношколското организирање во закон. Но, во меѓувреме, Павиќевиќ вели дека не сакаат средношколското организирање да го регулираат само како прашање, туку и да го унапредат.
Според него, најважното е тоа што средношколците за првпат ќе бидат признаени како вистински и еднакви граѓани, но и дека ќе им се обезбеди начин да бидат активно вклучени во јавниот живот. Да зборуваат за нивните проблеми и да даваат решенија, а притоа, како што додава, да не бидат приморани да бидат членови на политичка партија и да се политизира нивното учество.
„Често се кажува дека училиштата нѐ подготвуваат за нашиот иден живот, како возрасни граѓани и како полнолетни гласачи во оваа држава, меѓутоа многу е чудно, зошто ако е тоа така, не се спремаат учениците и за вештините кои што значат активен демократски живот. Со ова решение, младите ќе покажат дека можат да бидат активни, а не пасивни учесници и дека самите ќе ги даваат решенијата за нивните проблеми. Сојузот на средношколци стои зад ова законско решение, а јас како негов претседател бев замолен од генералното собрание да бидам автор на самиот предложен текст, за да се обезбеди инклузивна дебата, и да се обезбеди навистина оптималното, најдоброто решение. Заедно со клубот на млади пратеници, со ИДУЕП и Фондацијата за демократија Вестминстер ја правиме оваа јавна дебата, за секој да може да го каже својот став и истиот текст да биде подобрен“, објаснува Павиќевиќ.
Пратеничката и координаторка на Клубот за младински прашања и политики Моника Зајкова посочи дека следно е формирање на работна група, со цел во одредени области каде што можат, да интервенираат со законски измени, бидејќи, вели дека идејата е да не го чекаат целиот Закон за средно образование.
„Бидејќи знаете дека некогаш поспоро одат процесите во Собрание. И преку Клубот на младински прашања и пратеници да оди предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно, каде што ќе се реализира оваа област, но и доколку од дебатата произлезат други прашања и во други области во кои што како пратеници би можеле да интервенираме и да им помогнеме на средношколците“, вели Зајкова.
Истовремено, пратеничката вели дека целта на измените е да се даде можност со закон да се обврзат училиштата да има средношколско организирање и репрезентативна унија на средношколците, со цел да се спречи партиите и политиката да се мешаат во средношколското организирање.
„Оваа иницијатива доаѓа од Унијата на средношколците, меѓутоа сакавме да биде низ инклузивен процес, и затоа се вклучени повеќе организации на дебатата. Сметаме дека е важно да се обезбеди законско решение за ова прашање, затоа што средношколците се најкритичката мисла во општеството и мора да им овозможивме да бидат активни, а не пасивни, затоа што лидер, лидерка во средно училиште може да значи лидер, лидерка во иднина во државата“, посочи Зајкова
Од Сојузот на средношколци претходно посочија дека законот донесен во 1995 година досега е менуван и дополнуван 32 пати, но дека никогаш како тема не биле споменати средношколското организирање и демократија. Оттаму во повеќе наврати изминатиот период најавија измени на ова законско решение.