Тимот што стои позади „Social cultural space Tetova“ (Социјално културен простор Тетово) бара јавна поддршка и викендов одржува протестни настани откако во понеделникот од општина Тетово добиле известување да го ослободат просторот, со што велат дека во знак прашање е неговото опстојување.
„Патот за да стигнеме до местото каде што сме, во создавање здрава заедница која постои во интеракција со еднаквост и создавање јавен простор кој им припаѓа на сите, кој ќе се користи на многу начини, групни или индивидуални, засновани на култура, уметност, литература, еднаквост и подигање на свеста на граѓаните за многу чувствителни теми за нашето општество, е загрозен“, посочуваат од „Social Cultural Space Tetova“.
За документот од Општина Тетово на 17 октомври велат дека им е пратен без претходно предупредување, без почитување на нивниот неуморен доброволен придонес.
„Општина Тетово донесе решение каде што бара во рок од 5 дена (петок, 21.10.2022) да ги ослободиме просторите на ‘Space’ каде што работиме 4 години како заедница во служба на граѓаните. Во горенаведениот документ е пренесено само решението дека Одделението за култура и спорт при Секторот за јавни дејности е определено да биде одговорно за координација на секоја активност што ќе се одвива во Space (простор кој го најдовме напуштен, го ревитализиравме, го издигнавме од нула со реновирање и интервенирање во неколку случаи, и дадовме живот во последните 4 години со безброј активности и бесштеден доброволен придонес за доброто на општеството, од сите членови на нашата заедница), стои во реакцијата на тимот.
Исто така со оваа одлука, тврди тимот, општина Тетово го прекршува меморандумот што го потпишала сама, со кој „Space“ го има правото на користење на просторот до април 2024 година.
„Со тоа го загрозува текот на нашите тековни неделни и месечни активности во соработка со многу други локални и меѓународни организации“, забележуват тимот.
Сега, „Social Cultural Space Tetova“ испратиле барање за појаснување/поништување на ваквата одлука, па во случај да не биде земена предвид, велат тие, добредојдена е јавна и морална поддршка од секоја добронамерна група или поединец што стапнал во просторот.
„Целата наша борба останува за безбедно и здраво општество, да не се нарушува правото на граѓаните на независен и самоодржлив јавен простор како што е ‘Space’, да не се нарушува правото на изразување, креативноста и желбата за промени, а особено да не се уништува културата на волонтирање“, посочува тимот.
Тие денеска и утре повикуваат на отворен настан наречен OUR SPACE!, организиран во знак на протест.
„На настанот ќе го демонстрираме нашиот став и отфрлањето на одлуката донесена од општина Тетово низ активности и креативни работилници, музички џем сесии, јавни дискусии за заедницата, волонтерството и јавните простори“, велат од Social Cultural Space Tetova.
За случајот се обративме и до Општина Тетово. Од таму велат дека барањето од општината до Social Cultural Space Tetova било да се ослободат просториите кои моментално ги користат и да аплицираат преку архивата на општината со годишна програма за културни настани, за да добијат дозвола за користење на овој простор.
„Но, досега не поднеле Програма. Општината нема намера да го раскине Меморандумот за соработка, туку сака да им излезе во пресрет на сите невладини кои ќе организираат културни настани и да им обезбеди простор“, посочуваат општинарите.
Во врска со рокот за ослободување на просториите, од општина Тетово тврдат дека на барање на Social Cultural Space Tetova, го продолжила до крајот на месец октомври.
Бојан Шашевски