[Анализа] Детали – кој остана со помалку, а кој доби повеќе со кризната прераспределба на буџетот

Помалку пари за договорни услуги, за реконструкција на основни и средни училишта, за универзитети, за животна средина, повеќе пари за комунални сметки, за набавка на опрема и машини, за мерки за помош. Некои министерства ќе останат без дел од буџетските средства наменети за капитални вложувања, во други пак се крати за една намена, се додава за друга. Но главно – кратењата се кај ставките за капитални расходи. „Порталб“ објавува детали за тоа кои институции останаа без средствата и по кој основ.

Министерство за образование и наука

Едно од министерствата каде има поголем број на “кратења“ по различни основи. Договорните услуги во Агенција за квалитетот на високото образование се намалуваат за 65 000 евра а по истиот основ  Национален совет за високо образование и научно – истражувачка дејност останува без 49 000 евра. За 123 000 евра остануваат и резервите за капитални расходи. Позначајно кратење од Програмата за средно образование – 551 000 помалку за материјали и ситен инвентар, 1,5 милиони евра за договорни услуги а скоро 500 000 евра помалку и за Регионални центри за стручно образование и обука.  Високонаучните институции   остануваат без голем дел од капиталните резерви за вложувања во  Универзитет Гоце Делчев Штип ,  Универзитет Мајка Тереза,и изградба на Факултетот за информатички науки и Факултет за физичка култура.

                                  Намалени капитални расходи

За ученички и студентски стандард                          552 000 евра

Програма за средно образование                             551 000 евра

Реконструкција на основни училишта                      721 000 евра

Реконструкција на средни училишта                         281 000 евра

Но помалку пари ќе има и за ученички и студентски стандард, од буџетските ставки се одземаат  552 000 евра а за скоро 721 000 евра се намалуваат и средствата за реконструкција на основни училишта и други градежни работи ,  281 000 евра помалку за реконструкција на средни училишта и градежни работи поврзани со нив, помалку и за изградба и реконструкција на студентски домови, намалување по сите основи за 426 000 евра.

Министерство за транспорт

Повеќе пари за субвенции за јавни претпријатија, помалку за капитални расходи по повеќе основи, за скоро 4,9 милион евра се намалуваат средствата за капитални субвенции и за невладини организации, за урбанизам и градежништво намалувањето е за  162 000 евра а капиталните расходи за  водоснабдување и за отпадни води се намалуваат за 325 000 евра.  Од друга страна овој ресор  ќе има поголем буџет за 762 000 евра за субвенции за јавни претпријатија и дури 1,1 милион евра за ставката “разни трансфери“.

                                    Зголемен износ на буџетски средства

За субвенции во јавни претпријатија                     762 000 евра

За “разни трансфери“                                              1 100 000 евра

 

Министерство за информатичко општество и администрација

Кај овој ресор има кратења во неколку програми а поголеми износи се намалуваат за реформа во јавна администрација за 32 000 евра а за развој и имплементација на информатичко-комуникациска технологија средствата се намалуваат за 16 000 евра. Во овој ресор нема внатрешна прераспределба на средствата.

Министерство за култура

По повеќе основи намалување има и на буџетот на Министерството за култура –  резервите на капитални расходи во програмата Администрација се намалуваат за скоро 72 000 а кратење има и на средствата за Универзитет на Св. Климент кај Плаошник и Антички театар Скупи. Но поголем износ од  876 000 евра се одзема од капиталната ставка за одржување на објекти и опрема од областа на културата и уште 377 000 евра од потпрограмата  за Заштита на културното наследство.

Министерство за здравство

Во ова министерство капиталните расходи за реконструкција и доградба на здравствените објекти се намалуваат за 323 000 евра, средствата за Општа Болница Кичево се намалени за 18 000 евра а кај ставката имунизација има намлување од скоро 500 000 евра.

Министерството за животна средина

Во овој ресор има намалување на капиталните расходи по повеќе основи но и додавање на средства по други основи. Се кратат  дури 1,5 милиони евра за управување и заштита на води, 662 000 за управување со отпад, 40 500 евра за унапредување на животната средина. Од друга страна  ќе има повеќе пари   за градежни објекти, купување опрема и машини, третман на отпадни води, капитални дотации до општините а за  324 000 евра се зголемуваат и средствата за комунални услуги, греење,  транспорт.  Државен инспекторат за животна средина останува без 10 700 евра.

Министерството за правда

Трансферите до невладини организации преку ова министерство  се зголемуваат за 300 000 евра а од друга страна во овој ресор за 34 000 евра се намалуваат средствата од една од ставките за  капитални расходи.

Министерство за внатрешни работи

Во овој ресор има прераспределба на буџетот, но преку ставките за капитални расходи се кратат 510 000 евра за реформа во полицијата , за купување на возила сумата се намалува за 275 000 евра. Намалување на средствата за возила има и во други ставки во МВР, капиталните расходи за јавна безбедност се намалуваат за 1,3 милиони евра додека кај истата ставка се зголемуваат за патни и дневни трошоци, комунални сметки, за купување материјали и машини.

Судска власт

Во судската власт – прераспределба од една во друга ставка речиси во ист износ од 831 000 евра.  Во Јавното обвинителство има намалување по неколку основи со вкупен износ од 62 000 евра а  Уставен суд ќе добие нови 34 000 евра за купување на опрема и машини.

Освен министерствата со помалку пари за капитални расходи останаа и други институции. Намалување од 12 000 евра има кај капиталните расходи кај Претседателот на државата,  како што се Биро за регионален развој,  Заводот за статистика, Инспекциски совет.

                                Намалени буџетски средства

Биро за регионален развој                      486 000 евра

Инспекциски совет                                     300 000 евра

Завод за статистика                                     15 500 евра

Претседател на држава                              12 000 евра

Во Владата средствата се зголемени за цели 60,8 милион евра – токму владините мерки за справување со енергетската и инфлациската криза беа и клучната причина за оваа буџетска прераспределба. Највисоки износи се трансферираат во Министерството за финансии – функции на држава, 9 милиони евра за вложувања и нефинансиски средства и уште 4,7 милион евра по основ на дотации од ДДВ.

Извор: Порталб.мк