Улогата на врховен водач на Иран која се заснова на тврдењето дека тој го отелотворува истиот оној непогрешлив и божествен авторитет како кај пророкот Мухамед, е во спротивност со вековната доктрина на исламот. Тоа е целосно измислена функција чија легитимност денес е доведена во прашање како никогаш порано.
Протестите во Иран во однос на правата на жените и злоупотребите од страна на полицијата во однос на верскиот морал уште еднаш фрли светлина врз владејачката свештеничка класа во оваа земја и навидум неограничената власт на врховниот лидер – ајатолахот Али Хамнеи.
Исламската Република Иран има двостепена власт. Првиот степен, навидум, го претставува суверенитетот на народот, и вклучува претседател кој има функција на извршна власт на, инаку, високо централизираната држава, потоа Парламент кој е задолжен за подготовка на закони и расправа во врска со истите, како и судство кое ги проверува и толкува тие закони. Вториот степен, кој го претставува суверенитетот на Бога, се состои од само еден човек: Врховниот водач или Факих.
Факихот има апсолутен монопол над државната власт. Тој го назначува шефот на судството и може да го разреши претседателот по сопствена волја. Тој исто така е врховен командант на армијата и може да стави вето во однос на било закон донесен од Парламентот. Оваа функција е анахрона и крајно уникатна, и овозможува институционализирање на контрола од страна на свештенството врз сите аспекти на власта.
Ова е исто така еретички. Далеку од тоа дека се работи за основа на шиитскиот ислам, како што тврди свештеничкиот режим на Иран, концептот на Факих не го претставува ниту историскиот консензус ниту сегашното мнозинско гледиште на шиитската политичка мисла. Тоа е целосно измислена функција од човекот кој прв ја презеде оваа функција за себе: ајатолахот Рухолах Хомеини.
Шиизмот, како и христијанството, е месијанска религија. Шиитската доктрина тврди дека привремениот свет и сите негови несовршености ќе бидат збришани со појавата на личност која е позната како Махди и која еден ден ќе владее со земјата. Дотогаш, сите влади се привремени и нелегитимни, бидејќи секое практикување на директна политичка власт би се сметало за узурпација на божествениот авторитет на Махди. Така, во поголемиот дел од последните 1.400 години, шиитското свештенство одбивало да се меша во работите на државата, и наместо тоа ја прифати позиција на тивка политика.
Секако дека владеачките ајатоласи во Иран се бореа заедно со трговците и со младите интелектуалци во земјата за да го создадат првото автентично демократско движење на Блискиот Исток. Персиската уставна револуција од 1906 година, која стана позната како таква, доведе до создавање на напреден устав кој ги гарантира основните права и слободи за сите Персијци, независен парламент (Националното консултативно собрание), слободни избори и јасна поделба на власта.
Но, Уставната револуција беше краткотрајна. Во 1921 година, со поддршка од Британија, беше спроведен воен удар со кој беше воспоставена династијата Пахлави во Иран. Уставот беше отфрлен, Парламентот беше обезличен а државата беше повторно втурната во диктатура.
Пахлавите брутално ја потиснувале секоја политичка активност на свештенството. Иако неколку истакнати свештеници учествувале во втората револуција во минатиот векот која се случи во Иран, таканаречената националистичка револуција од 1953 година, дури во третата револуција, која се случи во 1979 година, свештенството излезе од џамиите и влезе во власта.
Ваквиот развој на настаните се должи на претходно невиденото толкување на Махди од страна на Хомеини. Спротивно на 14-вековната шиитска доктрина, тој тврдеше дека, во отсуство на Махди (како единствен легитимен водач на исламската држава) политичката власт треба да биде во рацете на претставниците на Махди на Земјата т.е. свештенството. Со други зборови, наместо да чекаме Махди да се врати на крајот на времето за да создаде совршено општество, свештенството треба да биде овластено да создаде совршено општество за него, па тој ќе се врати на крајот на времето. Хомеини го нарече ова теорија на Валахат-е Факих, или „старателство на праведникот“.
Ова беше неверојатно тврдење и радикална религиозна иновација во шиитскиот ислам. Сепак, Хомеини отиде уште подалеку со тврдењето дека политичката власт не треба да почива на целото свештенство, туку на еден единствен „врховен“ свештеник. Тој потоа инсистирал дека, како заменик на Махди, авторитетот на врховниот свештеник треба да биде ист не само со оној на Махди, туку и со оној на самиот пророк Мухамед. „Кога муџтехид [квалификуван праведник] кој е праведен и учен се залага за воспоставување и организација на власта“, напишал Хомеини во својот политички трактат насловен како Исламска влада, „тој ќе ги ужива сите права во работите на општеството што ги уживал Пророкот“.
Ниту еден муслимански свештеник досега не дал толку зачудувачки предлог. Мислењето дека секое човечко суштество може да го има истиот непогрешлив, божествен авторитет како и Пророкот е во спротивност со вековите на исламската теологија. Теоријата беше толку јасно еретичка што тоа беше веднаш отфрлено од речиси секој друг ајатолах во Иран, вклучувајќи ги и директните претпоставени на Хомеини, ајатоласите Боруџерди и Шариатмадари, како и од речиси сите големи ајатоласи во Наџаф, Ирак, инаку верски центар на шиитскиот ислам.
Она што го направи Хомеини толку примамлив беше неговата способност да ја изнесе својата радикална доктрина во популистичката реторика од тоа време. Откако неговите колеги беа заплашени со цел да молчат а побожните маси на Иран беа поттикнати на делување, Хомеини беше слободен да ја преземе контролата врз постреволуционерната влада. Пред повеќето од Иранците да дознаат што прифатиле, тој го „инјектира“ своето толкување на Махди во политичкото царство, претворајќи го Иран во Исламска Република и прогласувајќи се себеси за прв Факих во земјата: врховен привремен и верски авторитет.
Хомеини умира во 1989 година а функцијата Факих премина на наследникот кој беше избран од него – Али Хамнеи, притоа соочувајќи се со минимален отпор од свештениците или од народот. Иако Факихот требаше да биде најучениот религиозен авторитет во Иран, Хамнеи не беше ништо повеќе туку свештеник од средното ниво (дури ни ајатолах) со слаби надлежности. Сепак, тој ја доби функцијата главно затоа што практично секоја друга верска власт во Иран – вклучувајќи го и првиот избор на Хомеини како наследник, големиот ајатолах Али Монтазери – ја осуди доктрината на Факихот како анатема на исламот.
Сега Хамнеи има 83 години и е со лошо здравје. Широко се верува дека тој го подготвува својот син, Мојтаба, инаку свештеник од уште понизок ранг отколку што бил кога бил избран, за негов наследник како врховен водач. Со тоа ќе се соголи секој последен остаток од верската легитимност што оваа функција канцеларијата сè уште ја има, разоткривајќи го на тој начин Факихот во она што тој, всушност, е: синоним за Шах.
Доколку тоа се случи, протестите што ќе следат би можеле да бидат никулци на востанијата кои на кои сме сведоци денес. Денес, едно од најчестите скандирања на улиците за време на актуелните протести се „Мојтаба, Бемири, Рахбари ро Набини“: „Мојтаба, попрво ќе умреш отколку што ќе станеш лидер“.
Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org
*Реза Аслан, продуцент номиниран за Еми (Emmy) и Пибоди (Peabody), е професор на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд, и автор на книгата „Американски маченик во Персија: Епскиот живот и трагичната смрт на Хауард Баскервил“ (W.W. Norton & Company, 2022).
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.