Политиката на моќ, маргинализацијата и припадноста се во взаемна врска во авторскиот перформанс „Confutatis – од што се направени хероите?“ на Велимир Жерновски, што вчера заедно со музичарите Јоана Ристеска и Филип Митров и уметничкиот инклузивен ансамбл на „Трисомија 21“ и „Колектив Ветерница“ беше изведен во Црвената сала во Младинскиот центар во Приштина.
Ова не беше вообичаен перформанс, ако некогаш и постои такво нешто. Прво, затоа што беше изведен во склоп на Европското номадско Биенале Манифеста 14. Второ, затоа што вклучува цела екипа музичари, активисти, уметници и ансамбл кои се испреплетуваат со своите таленти, различни карактеристични особености, во обид да постават дело пред меѓународна публика, во склоп на она што се вика перформативна или визуелна уметност, но истовремено со добра доза во доменот на ангажираната уметност.
Авторскиот имагинариум е на Велимир Жерновски. Тој е ликовен уметник и професор на Факултетот за ликовни уметности, кој во својата практика често се осврнува на современите проблеми низ објективот на митолошките сценарија од минатото и иднината, со цел да отвори нови простори за трансформација.
Ова е токму тоа. Нуди дело, простор за вмрежување на сите овие автори и изведувачи каде колективот трансформира пораки за друг колектив – оној општествениот. Заедницата.
„Градбената лексика во ликовната изразност на Велимир Жерновски се состои во реприкажување на митскиот топос како место за телесно изведување на постполитичките простори, додека транспозицијата се одвива од митот до перформативното – во реалноста. Уметничкиот јазик на авторот кодира сложени односи помеѓу различни временски и просторни конфигурации, помеѓу феноменолошкото и сетилното, помеѓу значењата што потекнуваат од историските наративи и повторното митологизирање преку чинот на перформативното“, ќе напише Натали Р. Павлеска во кураторскиот текст за „Confutatis“.
Во „Confutatis“, своја улога има Минотаурот, митска фигура што е внесена во церемонијална средина каде се испреплетува физичкиот театар со визуелно-музичка подлога. Аудиториумот постојано е во контакт со „Со маки сум се родила“ од Вања Лазарова, тема што провејува низ скоро целиот перформанс. Употребувани се различни музички бои, сензибилитети, интерпретации и во делови – синтетизиран пристап на темата, што дава длабочина и повеќеслојност во ритуалот на оплакување. Таквото оплакување е нужност, задничка. Таквото оплакување е и катализатор за промени. Да станеме повеќе од тоа што сме. Да излеземе од самите себе.
Но, излезот од „лавиринтот“ во делото ќе биде излишен без приказите за оттуѓување, талкање и, евентуално возвишување, што го прикажува физичкиот театар на ансамблот на „Трисомија 21“ и „Колектив Ветерница“. Водени од Билјана Димитрова како нивен морален водач, овој ансамбл веќе има создадено повеќе претстави надвор од „Confutatis“. Се работи за колектив кој е интегриран во работата на „Колектив Ветерница/Партизанска штампа“, еден хибрид на автономен културен центар што се занимава со перформативни и визуелни уметности.
Идејата на „Колектив Ветерница“ е да не ги става учесниците/младите на ниво на изведувачи на школска приредба, или на инфантилна регидна уметност, туку учесниците се дел и од концепт на арт брут, за самите да добијат поинаква смисла за своето постоење и можности надвор од „сеопштото разбирање“. Односно, во (себе)спознавањето како релевантни чинители кои треба да бидат земени предвид во социјално-културните текови и организациските инклузивни наративи од опкружувањето, а со тоа и од театарската критика што треба да биде отворена за нивното постоење и нивните потенцијали.
Токму ваквиот пристап на „Колектив Ветерница“ е поврзан и со пристапот на делото на Жерновски. Се надоволнуваат. Митскиот Минотаур со оплакувањето прави своевиден интерен дијалог, преиспитувајќи ги со тоа и нормите и вредностите што едно општество не успеало да ги постави како принцип на заедничко делување. Перформансот на длабок, интровертен, а потоа и катарзичен начин, ја критикува заслепеноста на општеството, и неговата неможност да си помогне себеси. А, може, ако фрли добар поглед кон осамената иднина со која се соочува човештвото ако не негуваме практики на грижа и емпатија.
Будењето е секогаш изводлива и фер опција, а маргиналците можат да станат херои, ако сакаме да ги видиме и прифатиме како такви. Со љубов и од љубов. Сега и тука!
Бојан Шашевски
Фото: Јелена Белиќ