„Тоалетите се ужас. Водата се враќа од тоалетните школки и се излева на плочките. Не е добро залепено, колку и да е ново. Плус, канализационите цевки протекуваат зошто не се добро поврзани со школките“.
„Некогаш има млака, некогаш има топла вода за капење, меѓутоа еден период во третата зграда немаше воопшто вода, па колеги доаѓаа кај нас да се бањаат“.
„Парно некогаш има, но тоа е млако и не се вклучува во вечерните часови“.
Вака сведочат студенти кои денес се сместени во зградите и бараките на Државниот студентски дом „Стив Наумов“ – Скопје. Во разговор за Радио МОФ, сакајќи да останат анонимни, повеќето од нив, во еден здив ги набројуваат проблемите што со години се нивно, а биле и секојдневие на многу генерации студенти претходно сместени во „Стив“.
„Кај нас е подобро, тоалетите ни се во соба, но имаме проблем со влагата, нема изолација на плочките и оттаму целата влага се проширува кон собата. Баш имаше ситуација во собата кај сосетката, кога врнеше и дури од светилката течеше вода“, вели студентка која живее во една од осумте бараки со кои располага домот и чијашто желба беше изјавата да остане анонимна.
Проблемот со хигиената, влагата и санитарните јазли што со години укажува на лошите услови во кои живеат студентите и покрај бројните најави од Министерството за образование и наука (МОН) и Владата на Република Северна Македонија за реновирање и одделување наменски финансии, за што пишуваше и Радио МОФ, останува да виси само врз грбот на студентите.
Тоалетите во студентскиот дом „Стив Наумов“
Студентите и натаму, како што ни изјавуваат, се снаоѓаат за капење со топла во други соби или станови на пријатели.
„Едноставно не се опишува со зборови како живееме во третата зграда. Топла вода нема, а до скоро немаше ниту врати на кабините, значи нема приватност. Сега донесоа некои врати, но и за нивно монтирање се чека со денови“, вели друга студентка.
Струја нема ни за кафе, а храна само во часовни рамки
Соговорниците од „Стив“ велат дека млакото парно што се пушта само 30 минути во денот не е доволно за да ги стопли собите каде што би требало да учат и спијат.
„И тоа што го вклучуваат наутро од 9 до 9:30 е колку да се каже дека пуштале парно. Реално на вакви сончеви денови не мора да се пушта парно, нас ни треба навечер, на пример околу 19:30 часот, кога се враќаме од факултет и кога заладува“, револтирани се студентите.
Освен греењето што поради временските услови сè уште не е најголемиот проблем, изминативе неколку недели студентите велат дека се соочиле со мерки за забрана за внесување на било какви грејни тела што, како што ни раскажуват, им се потребни за да си зготват барем една супа.
„Не можеме едно кафе или една супа да си свариме, не смееме да внесуваме решо, ни налагаат да готвиме со плинско, но тоа не е најповолната опција за нас. Прави да биде загушливо, а и скапо е“, објаснуваат станарите во „Стив“.
Тие велат дека ваквите мерки им биле соопштени усно, а поставени се и соопштенија на кои, како што потенцираат, нема печат, што ги наведува да мислат дека може да ги напише и испечати кој било освен управата.
„За овие работи ни кажаа дека влегуваат во куќен ред. Но куќен ред нема никаде, никаде не можеме да најдеме што пишува, ниту на страната на Државниот студентски дом – Скопје, ниту во управата, немаме ни совет на станари. Знаеме кој е претседател на студентскиот дом, но не знаеме како е избран, не сме избирале ниту претседател на студентските домови или претседател на совет на станари“, збунето објаснуваат студентите.
Покрај забраните за внесување било какви грејни апарати за готвење, студентите се жалат и од правилата што важат во заедничката менза. Всушност, согласно правилникот таму, храната не смее да се изнесува надвор бидејќи управата на домот ја презема целосната одговорност за квалитетот на храната и нејзино запазување и заштита од бактерии и други паразити.
„Тоа ни го велат, но ние имавме предлог за секој што сака да изнесе храна од мензата, бидејќи нели на пример мене не ми се јаде во моментот, но ќе ми се јаде подоцна и сакавме да им дадеме сугестија за секој што сака да си изнесе храна од мензата да си потпише изјава каде ќе стои дека на пример јас сум одговорна за храната кога таа ќе излезе од мензата. Ова го сугестираа многу студенти. И покрај тоа, не смееме да вадиме. Некои студенти не можат да фатат ниту ручек ниту вечера бидејќи по цели денови се на факултет. Забрането е цимерот или другарот да ти земе храна со твоето идентификационо бројче“, вели една студентка.
Таа посочува дека веќе уплатиле 300 денари за добивање на студентска картичка за во мензата, меѓутоа, како што вели, картичките сè уште ги немаат добиено, а ниту некој им споменал нешто околу тоа во овие два месеца откако се таму. „Исто така“, додава таа „праксата со картички постоеше и пред короната, но тогаш цената беше вклучена во станарината и не плаќавме дополнително“.
„Ова е диктатура од која сите се плашат“
За разлика од 2019 година кога речиси и немаше ентузијазам и интерес за решение на проблемите, сега студентите велат дека се уплашени од заканите со кои се соочуваат.
„Пробавме да направиме креативна герила акција чија цел беше да нè слушнат од управата и јавноста. Отидовме пред третата зграда и сакавме да земеме ќебиња и перници за да легнеме таму демек спиеме, а лицата да ги прикриеме со транспаренти и да им пренесеме дека не е важно дали спиеме внатре или надвор кога е исто ладно и гадно“, раскажуваат соговорниците.
За изведување на акцијата биле спречени и избркани, па се префрлиле зад мензата.
„Таму не легнавме, но сакавме барем да снимиме нешто. Бевме 20 студенти, имаше и од другите домови и колеги што се сместени во станови, а лани седеле во студентски кои дојдоа да нè поддржат. Сепак телефонски присуство ни потврдија 60 студенти и по тоа гледаме дека има интерес за менување на работите, но сите многу се плашат. Јас досега немам видено вакво нешто. Сме биле дел и од студентски и од средношколски пленум, но ова во моментов е диктатура што прави сите да се плашат“, револтирано раскажува една студентка.
Соговорниците се жалат и дека однесувањето на портирите кои се одговорни за безбедноста се сведува на комплетна спротивност од нивната функција.
„Портирите се однесуваат лошо, како команданти проверуваат по нашите приватни ствари. Законски не е дозволено портир да влезе и да ни проверува што имаме по собите. Ние никако не сме заштитени, ниту по Законот за студентски стандард ниту по Законот за заштита на личните податоци. Тие имаат клучеви од нашите соби и тоа не плаши зошто ние тука си имаме приватни работи затоа што и ден денес се случува да кражби“, велат студентите и дополнуваат дека едниот назначен портир за осумте бараки во „Стив“ не може да спречи да влегуваат луѓе од надвор.
Радио МОФ при пишувањето на текстот стапи во контакт со студенти од „Стив“ кои одбиваа да дадат изјави, а речиси сите ни нагласија дека не сакаат нивното име да биде напишано поради страв дека ќе бидат исфрлени од домот.
Проблеми што траат со години
Сликата за хигиената во „Стив Наумов“ е далеку полоша од онаа во другите домови, вели новоименуваниот претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ), Славчо Телемковски.
„Сликата за хигиената во останатите домови не е толку страшна како во ‘Стив Наумов’, Според анкетата што ја направивме со студентите, генерално се покажува дека условите се подобри од пред неколку години, но сепак има проблеми што траат со години и што треба да се решат“, изјави Темелковски.
Во име на претставничкото тело на студентите на УКИМ, Темелковски смета дека решението за овој проблем го гледаат преку директниот канал на комуникација со надлежните кои ги имаат ингеренциите за, како што рече, навистина да помогнат.
„До МОН испративме барање за работна посета. На работната посета бараме да биде присутен министерот или барем некој од неговиот кабинет којшто е засегнат за студентските домови. Освен тоа, во барањето наведовме дека при таа посета треба да бидат присутни и директорот на студентските домови, претседателите на студентите од студентските домови и се разбира ние како УСС“, изјави студентскиот лидер.
Проблемите, како што напомена тој, мора да се решат на овој начин бидејќи сепак станува збор за државен студентски дом. Барањето до МОН е испратено на 25 октомври, а до денот на објавување на овој текст, сè уште не добиле одговор.
„Како за сите така и за нас“
Радио МОФ за одговори го контактираше и директорот на Државниот студентски дом (ДСД), Виктор Велевски. Под негова капа се „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Тој ги демантира изјавите на студентите и вели дека во тек се големи зафати на реновирање на „Стив“.
„Во поглед на хигиената, сите тоалети во студентскиот дом ‘Гоце Делчев’ се целосно реконструирани, додека пак во моментов во домот ‘Стив Наумов’ се вршат големи зафати заради санација на водоводната и одводната мрежа, во насока на уште поголемо подобрување на условите за домување“, рече Велевски.
За недоволното греење што го обезбедуваат домовите тој се осврна кон мерките за штедење пропишани од страна на Владата, согласно кои сите државни институции се задолжени за 15% да ги намалат количините на потрошена енергија споредбено со истиот период лани.
„Како ефективно би се спровеле овие мерки кои на нас ни се наложени и за кои имаме одговорност за нивно спроведување, Управниот одбор на домот донесе одлука која уредува дека во периодот кога најголем број од студентите ги посетуваат предавањата на факултетите, да не се троши електрична енергија во смисла на затоплување и вклучување на грејни тела бидејќи повеќе од 90% од сместените студенти не се присутни во домот“, подвлече Велевски.
Дополнително тој рече дека домовите „Стив“ и „Гоце“ се приклучени на централниот систем за греење на Град Скопје, па оттаму, ДСД нема контрола врз тоа.
„Како е за целиот град, така е и за студентски“, рече Велевски.
Во изјавата тој ги негираше тврдењата на студентите дека лица влегувале во собите и проверувале дали се скриени грејни тела без знаење на студентите, бидејќи како што истакна, безбедноста на домот за нив е најголем приоритет.
„Дополнително, во контекст на ова е формирана комисија од редот на вработените во ДСД Скопје кои вршат проверка за грејни тела, но не е точно дека се проверуваат личните предмети на студентите (багаж, шкафови итн.) без нивно присуство и знаење. Сите овие работи се уредени во правилникот за домување, како и договорот за сместување“, одговори директорот.
Во однос на храната тој тврди дека е свежа, високо квалитетна и подготвена непосредно пред служењето, а за поткрепа додаде дека тој и вработените во домот јадат од таа храна во таа менза.
„Секако дека не се дозволува изнесување на храна од просториите на мензата бидејќи тоа е насока и од надлежните инспекциски органи, посебно во делот на одговорноста на шефовите на мензите, раководителот и мојата лична одговорност. Сепак во поглед на домувањето, постојат прописи и правила каде може да се извршуваат одредени активности во текот на денот. Јадењето, секако, се послужува во мензите, бидејќи тоа е нивната намена“, забележа Велевски.
Директорот на ДСД за процесот со „студентската картичка“ рече дека е во завршна фаза што ќе ја проследи нивно издавање за користење на студентите.
„Тоа што студентите платиле е наша должност да го обезбедиме и тоа постојано го правиме. Во втората фаза, се очекува студентите да ги користат картичките и да работиме на истакнување на придобивките и намалување на проблемите, доколку истите се јават, како и подигнување на еко-свеста на младите. Во секој случај, за овој проект да биде 100% успешен, потребна е непречена и навремена комуникација и размена на информации со МОН, кои ги имаат списоците со примени студенти пред почетокот на академската година, за коешто ние секојдневно инсистираме и се залагаме од наша страна“, нагласи Велевски.
Во буџетската рамка за 2019 година беа издвоени 30 милиони денари со што, како што изјави тогашниот заменик-министер за образование и наука, Петар Атанасов требаше да продолжат активностите за подготовка на проектна документација за изградба на нова зграда со предвидени 700 нови легла во склоп на студентскиот дом „Стив Наумов“.
Прашање за ова во 2020 година упативме и до тогашниот министер за образование, Арбер Адеми, кој тогаш не даде конкретен одговор.
МОН во 2019 година најави енергетско-ефикасна реконструкција на студентските домови вклучувајќи ги и дел од домовите во Скопје што треба да заврши во 2024 година. Минатата година во февруари Владата на седница ја усвои информацијата за Проектот енергетско-ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија, а тоа требаше да започне токму од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје.
Прашања за проблемите со греењето, хигиената како и за студентската картичка испративме и до Министерството за образование и наука, но до објавувањето на овој текст не добивме одговори.
Ангела Бошкоска