Книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ од Бранко Прља содржи илустрации направени со помош на вештачка интелигенција наречена „Стејбл Дифјужн“ (Stable Diffusion).
Прља посочува дека се работи за текстуален „инпут“, со примена „cut-out“ триколор инспириран од делата на Шепард Фери, а книгата на концизен начин ја „прераскажува“ кусата историја на Курт Кобејн, гранџ музиката и бендот Нирвана.
Авторот истакнува дека „Стејбл Дифјужн“ е модел за длабоко учење, по принцип „текст-на-слика“ објавен кон крајот на август 2022 година. Се работи за прва вештачка интелигенција која е 100% бесплатна и со отворен код.
“Кодот и моделите на ‘Стејбл Дифјужн’ се објавени јавно и се широко достапни за апликација на обичен хардвер опремени со скромен графички процесор. Ова означува отстапување од претходните сопственички модели на „текст-на-слика“ кои беа достапни само преку ‘клауд’“, вели Прља.
„Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ е 15-та книга во едицијата „Фактопедија“, а сите книги од оваа едиција се достапни за бесплатно преземање.
„Целта на овие изданија е неформално образование, оригинален и нетипичен пристап кон обработка на една тема, со фокус на компресирањето информации и нивното пренесување во концизна форма, при што нема да се жртвува содржината“, истакнува Прља.
Според авторот, книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери“ ја изнесува тезата дека три децении по настанувањето на гранџот во историјата на светската музика не било создадено такво движење, особено алтернативно, кое глобално ја хипнотизирало светската публика, толку долго останало на врвот на топ-листите и имало масовно влијание врз една генерација.
„По три децении време е да се потсетиме на бендот Нирвана, да ги истражиме причините за неговото настанување, што довело до неговиот метеорски сјај и пад, и колку тие оставиле влијание на глобалната светска култура. Курт Кобејн е трагичен лик, но она што треба да нѐ инспирира и интересира не е неговиот крај, туку неговиот живот. Токму за тоа е книгичкава“, вели Прља.