Во поплавите и свлечиштата предизвикани од тропска бура, на Филипини загинаа 110 луѓе, додека погодени се повеќе од 2.4 милиони, објави денеска Националната агенција за катастрофи, пренесува Ал Џазира Балканс.
Како исчезнати сè уште се водат 33 лица, а повеќе од 100 се повредени, додава агенцијата. Во јужната провинција Магуинданао загинаа 59 лица, каде што повеќе од 100 куќи беа уништени од поплавите или затрупани од свлечиштата. Во Магуинданао како исчезнати се водат 16 лица, а властите велат дека во овој момент има мали шанси да се најдат преживеани.
Во регионот на Западен Висијас има 22 смртни случаи, а 12 во провинциите Кавитеу, Лагуна и Батангас, јужно од Манила.
Погодените области претрпеа сериозни поплави откако бурата Налга донесе обилни дождови неколку дена пред да стигне до копното на источниот дел на Филипини.
Налга се оддалечи од Филипините, но нова тропска бура се движи кон источниот брег на земјата и се очекува да донесе нови врнежи, соопшти метеоролошката служба.
Филипинскиот архипелаг секоја година е погоден од просечно 20 тропски циклони.