Откако изминативе денови околу 500 ученици од населбата Визбегово останаа без јавен превоз до нивните училишта кои се наоѓаат во Општина Чаир, Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека проблемот засега е надминат и дека учениците ќе продолжат да имаат бесплатен организиран превоз.
Проблемот бил дискутиран на вчерашната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и градоначалниците на општините Бутел и Чаир, Дарко Костовски и Висар Ганиу.
„По конструктивна дискусија и изнесување низа предлози и сугестии за надминување на ситуацијата, Општина Бутел веќе го финансира организираниот превоз од Визбегово до ООУ “Исмаил Ќемали”, а Општина Чаир ќе продолжи да го финансира организирањето на превозот за учениците од Визбегово до ООУ “7 Марси” до крајот на учебната година. Во меѓувреме МОН работи на трајно решение, преку вложување во образовната инфраструктура, односно изградба на целосно нов, современ училишен објект во Визбегово, каде од следната учебна година основците од оваа населба ќе го продолжат своето образование и повеќе нема да имаат потреба од превоз“, соопштија од МОН.
Учениците од Визбегово, која е лоцирана во скопската Општина Бутел, во недостиг на училишен објект во местото на живеење посетуваат настава во училишта во Општина Чаир.
Проблемот се актуелизираше минатата недела, кога од Општина Чаир рекоа дека учениците ќе останат без училишниот превоз бидејќи повеќе не можат да обезбедат пари за покривање на оваа услуга.