Денес се одбележува Меѓународниот ден против врсничкото насилство и малтретирање во училиштата и сајбер булингот (инаку се одбележува секоја година на првиот четврток од месец ноември).
Бидејќи булингот е најзастапен меѓу учениците во основните и средните училишта, и се однесува на младите, мора погласно да зборуваме за булингот, за подоцна тоа „детско“ или „тинејџерско“ малтретирање, не прерасне во друг вид насилство.
Булинг претставува облик на малтретирање застапен во училиштата, кој не останува во ѕидовите на образовната установа, туку продолжува на социјалните мрежи.
Постојат три типа на булинг:
- Вербален булинг (користење навреди, закани, злобни и непристојни коментари);
- Социјален булинг (споредување на нечија репутација во однос со останатите ученици, ширење лаги и наговарање во друштвото да отфрлат некого);
- Физички булинг (инволвира физичко насилство);
Своето агресивно однесување, насилниците го истакнуваат пред „публика“ составена од нивните врсници или пред другите ученици, затоа што присуството на публиката го зголемува чувството на моќ.
За да се спречи малтретирањето, жртвата или пак некој од околината што препознава булинг, треба да оди и истото да го пријави кај наставникот/професорот, директорот или психологот за подоцна личноста која е запознаена со проблемот да се обиде да го реши.
Вообичаено, оние кои го препознаваат булингот, ретко го запираат истиот, всушност, можат да уживаат во шоуто. Дури и ако не ја одобруваат ситуацијата, може да не ја сакаат жртвата или да се плашат од одмазда од страна на насилникот.
Во 98% од случаите, докажано е дека кога овластено/вработено лице во училиштата е известен дека булингот е застапен, истиот проблем се решава од корен. Управата на училиштето ги повикува родителите на двете страни и се дискутира околу решението.
Исто така, потврдено е дека наставниците/професорите се свесни дека меѓу учениците има малтретирање, но, не можат да делуваат без молба или жалба, па од околу, со разговор, се обидуваат да објаснат дека врсничкото насилство не е оправдувачки.
Што се однесува за кај нас, ретко кој зборува на оваа тема, бидејќи ова за нас се’ уште е табу тема, бидејќи самиот проблем со кои се соочуваат децата бара професионална поддршка од психолог или психијатар, затоа што врсничкото насилство и сајбер булингот знаат да остават многу големи последици врз менталното здравје на децата, кое и онака е кревко и недоволно развиено. Во период во кој најмногу треба да се развие, менталното здравје добива погрешна форма која понекогаш може да премине во трајна несакана последица (се развиваат комплекси во главата на децата, добиваат искривена слика за себе, почнуваат да (се) мразат и сл.).
Бидејќи никој јавно не зборува за булингот, не мислете дека не постои, напротив, постои во скоро секое училиште.
Малтретирањето во училиштата не е нешто еднодневно, туку тоа е секојдневие, и секој ден одново и одново се повторува врз една личност (најчесто мета на булинг се учениците од помалите генерации, новите ученици, оние кои се разликуваат по физичкиот изглед и сл.).
Што се однесува на сајбер-булингот, обично се извршува анонимно, така што жртвите немаат претстава кој се сторителите.
Сајбер-билингот може да биде директен (кога преку пораки се вознемирува жртвата) и јавен (кога на јавните социјални мрежи се шират дезинформации околу жртвата кои можат да ги видат или прочитаат сите).
За да се стекне јавна свест за булингот, потребни се работилници, едукации, часови, па дури и здруженија за едуцирање на учениците, а и за наставниците, и треба да се воведат како нешто нормално. За сите оние кои сакаат повеќе да научат во врска со оваа тема, на социјалните мрежи можат да се најдат голем број едукативни видеа кои навистина се квалитетни.
Доколку нашето општество не сфати што е булинг, страдањето на илјадници тивки жртви ќе продолжи, затоа, да бидеме погласни за булингот.
Пишува: Даница Среткоска, средношколка