„Нема да си сама“ од Горан Столевски е официјален австралиски кандидат за Оскар

Филмот „Нема да си сама“ од македонскиот режисер Горан Столевски е австралиски официјален кандидат за Оскар.

Австралискиот хорор воедно и дебитантски долгометражен филм на Столевски ќе се натпреварува во категоријата за најдобар странски филм.

„Нема да си сама“ е филм сместен во 19 век каде се раскажува приказната за девојче кое е киндапирано, а подоцна и трансформирано во вештерка од страна на древно суштество. Љубопитно за животот како човек, вештерката ќе убие селанка во блиското село и ќе ја преземе нејзината форма со цел да живее во нејзината кожа. Нејзиното љубопитство и понатаму се разгорува, па вештерката продолжува да ја користи својата моќ за да сфати што значи да си човек.


Пред официјалната премиера на филмот во земјава за време на фестивалот на европски филм „Cinedays“, Столевски во интервју за Радио МОФ изјави дека при создавањето на филмот главна интенција му е да се поврзе на примално, исконско ниво на чувство со актерите, соработниците и гледачите.

„Сè потекнува од чувство и од сетилно искуство, а не од интелектуални идеи“, истакна тој.

Својата светска премиера, филмот ја имаше на најголемиот фестивал за независен филм – „Sundance“ на 22 јануари оваа година. Во филмот играат македонските актери Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски и Нуми Рапејс, Анамарија Марника и Алис Енглерт.

95-то доделување на престижните академски награди ќе биде на 15 март во театарот Долби во Холивуд, Лос Анџелес.

Горан Столевски: Кога режирам, сакам да се поврзам на примално ниво со соработниците и гледачите