Прегрнете се, насмејте се, пуштете глас и тргнете. Сакајте се себеси и другите околу вас, почувствувајте ја музиката, сцената и допирот. Замижете. Земете здив. Испуштете здив. Аплауз. Се гледаме на следната проба.
Со овие зборови завршуваат пробите на оние кои се занимаваат со инклузивна уметност. Оние кои работат со деца и млади со атипичен развој, лица со попреченост и разни состојби, или со лица кои послабо слушаат или гледаат. Оние кои работат во различни држави но испраќаат иста порака – секој, без исклучок, може да создава, да биде креативен и вклучен во социјалниот живот.
Колку е точна оваа порака секојдневно докажува Националниот инклузивен хор ИСОН од Нови Сад и Колектив Ветерница од Скопје кој се занимава со перформативна уметност. Она што им е заедничко се инклузивноста и вредностите поради кои сè ова го започнале одамна.
View this post on Instagram
Билјана Димитрова од Колектив Ветерница ни раскажа дека во 2017 година добиле повик за соработка од Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“ и тоа баш во време кога почнале да работат со деца со аутизам. Уметноста дозволува слобода на различно гледиште, а изразувањето на различни вештини покажува дека сите можеме да допринесеме во општеството, без оглед на тоа кои сме, какви сме и што сме, смета Билјана.
„Од една страна атипичните деца немаат срам, кога им давате задача тие веднаш ја прифаќаат и ја изработуваат професионално, најдобро што можат. Типичните деца, како растат имаат блокади и ограничувања околу тоа дали ќе бидат прифатени, дали е тоа доволно добро, дали ќе им се смеат. Тие учат едни од други да бидат послободни, да се изразат, да видат дека нема ништо лошо во тоа да работат онака како што мислат“, раскажува Билјана.
Инклузивниот хор ИСОН помина долг пат од желбата и љубовта на поединци до Национален инклузивен хор во Србија. Миодраг Миша Близанац, кој го води хорот, вели дека тие деца на почетокот биле оние кои биле отфрлени од други хорски организации.
„Ние тогаш направивме нешто многу вредно од она што се нарекува ‘отпадок’. Е тој ‘отпадок’ стана Национален хор на Србија. Јас го живеам ова, тоа е дел на моето битие и дел на сите овие луѓе. Овде има луѓе кои дојдоа свесно за нив да им биде подобро, да ја украдат таа енергија бидејќи им недостасува. Тоа е многу добра работа, бидејќи ова е повеќе од терапија и хор. Се следи тој хормон на среќа кој им е потребен на луѓето, бидејќи се сами. На нашите концерти луѓе чувствуваат потреба да припаѓаат, да украдат нешто што не можат да го најдат никаде. Мислам дека во тоа сме многу важни“, потенцира Миодраг.
Вакви организации, хорови, на младите им даваат чувство на заедништво. Билјана вели дека тие пред сè создаваат околина во која сите ќе се чувствуваат прифатено.
„Ние правиме предизвици за кои веруваме дека можеме да ги надминеме заедно. Општеството ни вели не можеш ова и не треба, ние велиме можеш ова и треба“, наведува таа.
Чекор по чекор тие деца и млади стануваат и видливи. Миодраг објаснува дека луѓето сè повеќе ги контактираат и дека сега се посакувани, очекувани и барани. Нив сега ги препознаваат и ги пречекуваат со отворени раце, тие се сега имиња.
„Повеќе не се нарекувани со погрдни и стереотипни имиња. Се бориме да бидеме живот, а не инклузија. Мислам дека инклузијата низ ваквата приказна се надминува. Тие се дел од животот со сите нас. Првенствено ние треба да бидеме љубов која е неизмерна и отворена. Таа љубов некогаш е непрепознатлива, бидејќи сме преполни со негативна енергија, стереотипи и затворени уши. Нив само треба да ги слушнеме. Кога влегуваш во тој свет едноставно и тебе ти станува подобро“, објаснува Миодраг.
Како што велат нашите соговорници, изборот на музика е процес кој трае и кој внимателно се смислува. Биљана потенцира дека песните се алат кој помага во изразување на чувства и разбирање.
„Се обидувам да им пренесам различни генерациски вредности. Не само она што го доживеале, туку и она што генерациите ни го пренеле нам. Избирам песни каде имаме долги вокали кои можат да се изведуваат или се побрзи. Се трудиме и мелодиски и композициски да предизвикуваме“, истакнува Билјана.
Важно е каква порака се пренесува и кои информации се оставаат. Миодраг вели дека во тој сегмент многу можат да се запрашаат каква работа извршуваат.
„Треба да престанеме да гледаме од нашиот, себичен агол. Тоа се луѓе како и ние, наши соседи, другари. Сите сме еднакви. Ние наоѓаме репертоар кој ним им е близок. Оваа година избравме, на инсистирање на децата од хорот, забавни приказни и јас со тоа се согласувам апсолутно“, наведува Миодраг.
Здружението „Трисомија 21“ од Скопје е основано од неколку родители на деца со Даунов синдром. Една од нив е и претседателката на здружението, Јамболка Димитрова. Таа вели дека конечно дошло до менување на погледот и стигмата кон овие луѓе – а самите помогнале со тоа што решиле децата да ги извадат надвор.
„Тоа се наши деца, постојат на овој свет. Ние сме со нив, ги поддржуваме, не ги криеме. Можеби имаат интелектуална попреченост, но не се безнадежни, имаат потенцијал кој треба да се искористи и да се најде начин да им се помогне, како во училиштето, така и после училиштето. Многу се среќни кога имаме работилници, кога меѓусобно се поврзани. Се разбираат, се смеат едни на други со или без причина, но се среќни“, ни раскажа Јамболка.
Таа среќа е токму тоа што ги придвижува „Трисомија 21“, ИСОН и Колективот Ветерница. Предизвици има многу – недоволно финансиска поддршка, неразбирање и неприфаќање, но приказната која овие млади луѓе ја раскажуваат низ уметност, музика и перформанс е повредна и посилна од било кој предизвик.
„Тоа има длабока социјална приказна и пресек за една грижа за сите тие луѓе. Замислете кога секој би подарил час или два од своето време на некој од овие групи. Мислам дека сите апсолутно би се чувствувале подобро“, смета Миодраг, а Билјана додава дека ваквите приказни даваат чувство на припадност.
„Не го правам ова од хоби. Го чувствувам како должност на својата генерација. Нешто мораме да направиме, да почнеме од себе“, истакнува Билјана.
Овие организации на своите деца и младите оставаат порака дека се центар на светот и дека нивната насмевка сите нас не прави подобри луѓе.
ИСОН на 21 ноември слави 18 години постоење. Ден преходно роденденот ќе го прослават во синагога во Нови Сад. Ако не сега, можеби веќе на следниот роденден ќе можете да чуете хор и да видите перформанс кои го изведуваат ИСОН и Ветерница заедно. Тука ќе видите стотина деца и млади кои се смеат, играат, танцуваат и пеат уживајќи и прифаќајќи ги своите различности.
Јелeна Божиќ, ОРадио (Нови Сад)
Бојан Шашевски, Радио МОФ