Владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на наставата во форма која е од најголем интерес за учениците, со физичко присуство во училниците, велат од Министерството за образование и наука (МОН).
Оттаму додаваат дека вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која и постојат, едукација на младите.
„Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување на договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината“, додаваат од МОН.
Истовремено, од министерството апелираат до сите образовни институции и установи доследно да се почитуваат владините препораки за рационално користење на електричната енергија.
„Затоа што, штедењето на електричната енергија е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училниците, но од друга страна се подигнува стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно електрична енергија за потребите на домаќинствата“, децидни се од МОН.