„Твитер“ се соочува со групна тужба од поранешните вработени во компанијата, кои велат дека не биле навремено известени за своите откази, со што компанијата не ги испочитувала американските закони за навремено отказно информирање, јавува „Гардијан“.
Вработените велат дека дознале дека се отпуштени откако одеднаш, не можеле да се вклучат на своите работни профили.
Преку групно соопштение, вработените во вторникот биле информирани дека преку својот личен мејл ќе бидат дополнително известени доколку се отпуштени во рамки на масовните отпуштања. Се превидува дека во „Твитер“ ќе преполоват работните позиции.
Пред групното соопштение, вработените во „Твитер“, користејќи ја друштвената мрежа почнаа да објавуваат дека се отпуштени откако не можеле да пристапат до своите работни мејлови, профили и компјутери.
Плановите на новиот сопственик на компанијата, Илон Маск, кои предвидуваат отпуштање на 3.700 вработени, наидоа на пречки, откако поранешните вработени поднесоа тужба преку која се бара „Твитер“ да ги почитува законите за работничките права, со кои се предвидува најавување на отказите 60 дена претходно.
Тужбата моментално е поднесена од пет поранешни работници, а „Блумберг“ е првиот медиум кој извести за тужбата.
Откако Маск го откупи „Твитер“ за 44 милијарди американски долари, тој отпушти неколку директори од повеќе сектори – извршниот директор Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и директорката за правни и регулаторни политики, Винџаја Гаде.