„Нашата цел е етаблирање, препознавање на маргиналната уметност. Препознавање на децата како активни творци, односно не само учење напамет изведбени уметности, па аплауз ‘леле колку е слатко, колку беше супер’. Туку како активни учесници во културна продукција, кои се свесни, кои можат да кажат што им смета, да создадат ново творештво перцепирано како релеватно, а со тоа воопшто да биде унапредено и општеството. Пробуваме да создадеме нови трендови во уметноста, а после нејзино систематизирање, прифаќање во системот, внетнување на тие неформално образовни активности. Особено во инклузивното образование, затоа што се покажува дека уметноста е таа која може да направи позитивни промени“.
Билјана Димитрова е уметник, активист, едукатор, другар. Таа е морален водач на дружината што доаѓа во „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“, еден хибрид на автономен културен центар кој се занимава со перформативни и визуелни уметности, но и во доменот на она што се вика ангажирана уметност.
Во подкастот ,,Мегафон”, Билјана објаснува дека работат со деца со типичен и атипичен развој, исто така и со возрасни, а преку активностите се обидуваат да направат база за понатамошен развој на уметностите, генерално.
Билјана ќе ја најдете како нешто спрема со самоорганизираниот уметнички колектив. Како смислуваат некоја претстава, инклузивна работилница, или се впуштени во процес со цртежи, кукли, анимирани филмови или со дневник во сито печат. Неодамна го спремаа и перформансот „Confutatis – од што се направени хероите?“.
„Во 2013 година почнавме работа со деца преку ‘Колектив Ветерница’ и физички театар. Сакавме да излеземе од оние класични формати, да им дадеме на децата малку слобода, да бидат свои, а преку театарот да се изразат себеси и да се инклудираат, да се вклучат во средината во која живеат. Така го создадовме концептот од деца за деца. Децата не ги ставаме само како изведувачи на приредби, на инфантилна уметност да речам, туку во еден концепт на арт брут. Релевантни чинители кои треба да бидат земени предвид во театарската критика. Сето тоа се сплоти во 2016 година со ‘Партизанска штампа’ и сито печатот како можност за продукција“, раскажува Билјана.
Приказната за Инклузивниот хор
Некаде од 2017, „Колективот Ветерница“ е поканет да работи со Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“, во времето кога стартувале со работа и со деца со аутизам. Од ваквата спојка произлезе Инклузивниот хор. Оваа група веќе настапуваше на „Плочник“, пред Центар-Јадро, на „Engage“, настанот „Играме заедно“, „Маалски приказни“…
Диригентството е должност на Билјана.
„Успеавме да создадеме ансамбл, во кој едните учат од другите. Од една страна атипичните деца немаат срам, кога им давате задача веднаш ја прифаќаат и ја изработуваат професионално, најдобро што можат. Типичните деца, како растат имаат блокади и стеги околу тоа дали ќе бидат прифатени, дали е тоа доволно добро, дали ќе им се смеат. Но вака учат едни од други да бидат послободни, да се изразат, да видат дека нема ништо лошо во тоа да работат онака како што мислат. Учат нови формати на зближување и однесување. Така да, Инкузивниот хор во 2020 година почна со своја активна работа, органски, пред се’ на база на другарство. Но и на база на професионален ансамбл што понатамошно ќе создава нови авторски проекти“, раскажува Билјана.
Хорот е од отворен формат. Нема некакви предуслови за влегување. Секој кој има волја, време и сака континуирано да учествува – може да се вклучи. Атипичен или типичен. И тоа е целта, вели таа, колку е поразнолико, толку и е поубаво за самата група.
„Веќе имаме ансамбл кој буквално се чувствува како еден театар. Кој заедно оди на проби, се дружи, професионално си ја сфаќа работата. Не е само курс во кој ќе дојдете и ќе си заминете, па ќе барате некаде на пазарот каде би се вклучиле со тие вештини, туку еден театар во кој доаѓаме и секој сфаќа дека зависи од него. Дека неговото неприсуство на проби е штета за целата група“, објаснува Билјана.
Во однос на прашањето за возраста на учесниците на хорот, дали влегуваат деца, млади и возрасни, таа вели: „не ја знам таа дефиниција за деца“.
„Ако зборуваме за атипичностите, можеби сите се деца во некаква рамка. Скоро зборував дека ‘деца’ како поим е некој европски концепт што се јавува во некој век, нели, ‘децата не можат, или можат’. Во нашата работа или и ние самите сме деца, или сме луѓе. Особено е некако опипливо за деца кога ќе кажеме дека се работи за членови на кои им е потребна некаква старателска, менторска поддршка. Од тој аспект, во групата има од 10 до 40 години, членови на ансамблот на ‘Ветерница’“, посочува Билјана.
„Општеството вели не можеш и не треба – ние велиме можеш и треба“
За програмскиот концепт, дали тераат „цврста“ програма или импровизација, особено што користат песни од различни ери, таа посочува дека, пред се’, прават средина во која ќе се чувствуваат прифатени. Второ, прават предизвици за да ги совладуваат.
„Наместо општеството што вели ова не можеш, ова не треба – ние велиме ова можеш, ова треба. Е, сега, во одбирањето на темите во уметноста, тоа е меч со две острици. Имено, пред да почне короната, прв пат решивме ајде да не правиме авторски проект, туку ќе работиме по книгата ‘Алиса во земјата на чудата’, за малку да осетат друг принцип. И, се случи чудо, се случи короната. Ете веќе две години работиме на различни медиуми на ‘Алиса’, сега ќе има инклузивен филм, ќе има и инклузивна театарска претстава и верувам дека до крајот на годината ќе ја завршиме ‘Алиса’“, посочува Билјана.
Во однос на музиката, пробува да им пренесе различни генерациски вредности. Не само од она што го искусила, туку и она што и’ го пренеле генерациите. Бираат и мелодиски, и композициски, да бидат од двете страни предизвикувачки.
„На деца кога ќе им ги дадете песни, пример народни, (ќе речат) ‘бљак, ова не ми се допаѓа, ова не сакам’, но тоа баш ме предизвикува. Ајде да видиме кога ќе навлезеш подлабоко дали ќе ти се допадне? Така да, тие се некои погранични теми кои малку ќе ги разработиме, тука се и родителите, има сто очи кои ме гледаат сомнително, но со помош на децата тоа малку се модификува, малку се ‘дроби и толчи’, за да добиеме малку поинаков формат“, посочува Билјана.
Уметноста како алатка за поквалитетен живот
Дејностите на „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“ одат на линија да ја користат уметноста како алатка за поквалитетен живот, или она што би се дефинирало како маргинална или арт брут уметност.
„Знаеме дека за арт брут или маргиналната уметност, долго време поминало пред да биде квалификувана, дефинирана, па на крајот и ставена во рамките на системите на Европа. Луѓето кои твореле арт брут уметност голем дел од животот го поминале по душевни болници. Пример, особено знаеме дека додека Андре Бретон или Дали биле популарни, нивните колешки биле затворани по душевни болници, бидејќи било непоимпливо ‘едни жени’ да цртаат ‘такви страшни цртежи’. Така и денеска се случува, особено на нашата територија. Од едната страна уметноста е поимана како ‘галериска’, од друга страна имаме проблем со независни културни центри, од трета проблем со поддршка на алтернативна уметност. Тоа се повеќеслојни проблеми на уметноста. Потоа, уметноста во образованието – само еден час неделно ликовно или музичко. Значи, гледаме дека е на маргините и онаа уметност што е поимана како ‘секојдневна’ или ‘мејнстрим’“, забележува Билјана.
Во однос на прашањето дали тој потенцијал на децата, самото општество треба да го земе и внесе во некаков концепт, Билјана вели дека, за жал, препознавањето оди тешко. Постојат веќе 10 години, а во тие 10 години имале два институционално поддржани проекти. Работат на комплетен принцип на самоодржливост. Од простор, алатки за работа и сл.
„Среќа имаме локални институции од областа на културата, во смисла да обезбедиме сцена и да ја прикажеме работата. Од друга страна, воопшто не сме препознаени како релевантни актери на сцената, иако се обидуваме, аплицираме. Ете, се трудам да го најдам тој јазик на апликации, на ‘допадливост и прифатливост’. Но, кога ќе видат деца, најверојатно мислат ‘ех, градинка’. Дека ‘не е толку важно’. Но, мислам дека е есенцијално важно, бидејќи требаат здрави млади генерации кои се прифаќаат и сакаат да творат, што е важно за една личност. За да бидеме функционални и да бидеме дел од системот, мораме да се препознаеме, да се видиме себеси кои сме, како би биле релеватни чинители, наместо само слепи овци коишто ќе бидат во некакви трла и ќе бидат некакви поданици“, вели Билјана.
„Ова го чувствувам како должност кон мојата генерација“
Во однос што таа добива од сето ова и колку сето ова е тешко, Билјана смета дека тоа воопшто не е прашање. Бидејќи, вели таа, кога ќе кажеш дека немаш никаква поддршка, тоа значи дека веќе си се кастрирал од нештото дали ти е тешко.
„Едноставно, пробуваме да бидеме повеќе од она што сме на секојдневно ниво. Не знам што добивам. Едноставно сум дел, нешто од што припаѓам. Ова не го работам од хоби, ова го чувствувам како должност кон мојата генерација. Дека мораме нешто да преземеме, да тргнеме од себе. Сите уметници исто така мораат нешто да творат, да прават нешто и за деца, ако сакаме да го пренесеме во современоста. Да имаме вредности на живеењето. Во вакви општества, мислам дека е ужасно, неподнослив е одзивот на институциите. Така да, верувам ако треба да се создаде некаков алтернативен систем, ние треба да ги поставиме столбовите. Ниту едно градење куќа не е лесно. Но, доколку имаш тим и екипа, тогаш работите стануваат поподносливи“, констатира Билјана Димитрова.
Бојан Шашевски
Јелена Божиќ