Расказот „Кажи му на кучењето“ на Симона Јовановска е првонаграден, „Герника“ на Ивана Смислевска ја доби втората награда, додека „Розов еж“ на Моника Стојановска е третонаграден на годинешниот анонимен Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“.
Признанија добија и Бјанка Станковиќ, наградена за расказот „Морска“ и Силвана Димитриевска за расказот „Вода“.
Од „Нова Македонија“ информираат дека од добитниците на откупните награди на врачувањето во кафулето „Капри“ не присуствуваше единствено Емилија Тодорова, наградена за „Големиот чекор“, која живее и работи во Австралија.
По официјалното врачување на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Инаку, најдобрите шест раскази беа бирани по разгледување и препрочитување на над 250 пристигнати ракописи.
Според членот на комисијата на жирито Александар Прокопиев, интересно е што оваа година сите шест награди ги добија авторки, како и тоа дека, како што се покажа, повеќето од нив се новинарки и повеќето завршиле компаративна книжевност.
„Сето тоа се гледа и во ракописите, кои се напишани стилски многу јасно и точно. Секако дека постојат нијанси што ги определија наградените, но сите шест приказни во себе носат една свест за краткиот прозен израз и посебен шарм во пишувањето. Сите се интересно напишани, со складност и целовитост и со изразита форма за тоа што значи краток расказ, наспроти тоа што е, на пример, фрагмент од подолга проза или анегдота“, рече Прокопиев.
Фото: Нова Македонија