Десетина дела од повеќе славни уметници, меѓу кои и слики од Пол Сезан и Винсент Ван Гог кои биле дел од колекцијата на поранешниот ко-сопственик на Мајкрософт, Пол Ален кој почина во 2018 година, беа продадени на аукција за 1,5 милијарди долари.
Оваа вкупна сума претставува највисока цена која била постигната на поединечна уметничка аукција, соопштија од аукциската куќа „Кристи“ од Њујорк. Собраните средства ќе бидат донирани за добротворни цели според желбите на Ален.
Неколку од победничките лицитации ги собориле претходните рекорди за поединечни уметници, а многу од делата ги надминале очекуваните продажни цени поставени од аукциската куќа.
Најскапото дело кое беше продадено беше сликата „Модели“ на Жорж Сера, еден од творците на уметничкиот правец поентилизам. Станува збор за слика од 1888 година на која се прикажани три голи жени. Сликата била продадена за 149,2 милиони долари, што е истовремено рекорд за слика од Сера.
Живописниот пејзаж на Пол Сезан „Планината Сент-Виктуар“ од 1888-1890 година беше продадено за 137,8 милиони долари, што е исто така рекорд за негова слика, додека делото „Брезова шума“ од Густав Климт насликано во 1903 година го собори рекордот за негова слика откако беше продадена за 104,6 милиони долари.
Меѓу другите поголеми продажби беше и сликата „Овоштарник со чемпреси“ од Винсент Ван Гог, која беше продадена за 117,2 милиони долари и е рекордна сума за негова слика, а сликата „Мајчинство 2“ на Пол Гоген беше продадена за 105,7 милиони долари.
На вчерашната аукција биле продадени и дела на Пабло Пикасо, Џорџија О’Киф, Клод Моне, Дејвид Хокни, како и скулптури од Александер Калдер и Макс Ернст.
Пред вчерашната аукција од „Кристи“ најавија дека ја одржуваат „најголемата и најизвонредната уметничка аукција во историјата“. Претходниот рекорд го држеше продажбата на колекцијата на семејството Меклов во мај, кога беа продадени дела во вредност од 922 милиони долари.
Денеска е најавено дека ќе бидат понудени на продажба дополнителни дела од колекцијата на Ален.