#РаскажиМи: „Чувствата не се броеви“ од Маја Мојсова

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Чувствата не се броеви“, од поетесата и авторка Маја Мојсова.

Чувствата не се броеви

Кога сме многу млади, бунтовни и изгубени, живееме во својот свет во облаците, па работите ги гледаме само од наш агол. Како тинејџерка, се бунтував многу – зошто на пример, на училиште се губи време за изучување на, спред мене, непотребни наставни предмети, наместо енергијата да се насочи на изучување само на „корисните“ предмети. Но, денес, и повеќе од сигурно знам дека е добро да се учи сѐ. И навидум здодевните лекции, и оние најтешко совладливите, па и оние комплицираните, кога ќе се наталожат во „мозочниот уред“, еден ден, кога и да е, за што и да е, ќе послужат. Мразев математика, на пример, а сега зависам од бројки, од неконтролираната потреба конкретно преку нив да ги анализирам луѓето, предметите и настаните. Да ги пребројувам, да ги подредувам, да ги ставам во множества. Еден е нашиот знак на некаков почеток; пет – значи дека треба да следува успех; потоа да разговараме во четири очи; шест… да, тоа, итн. Но, не мора да значи дека секогаш сѐ во Вашиот живот ќе се одвива според предвидувањето на општото значење на бројките. Ќе има отстапувања, и тоа многу, но не треба да се обесхрабрувате. И секогаш планот што Вие го имате за себе, некој друг пред Вас го направил, така што… најверојатно сите се опседнати само околу реализација на „шестките“, а останатото или ќе се случи, или не…
Според бројките креирам исто така, толку многу различни ситуации, во кои ги сместувам луѓето, им се доаѓало тоа ним, или не. Највисока е бројката на оние луѓе кои глумат храброст, а се плашат да истапат гордо пред еден обичен број седум. Оооо… оваа седумка, (која паѓа на лото еднаш на сто години ), ја воспевам, ја глорифицирам, ја опишувам, раскажувам за неа, понекогаш ја оплакувам, ја проколкувам, па се откажувам од неа, па пак ѝ се навраќам, па се заколкувам на самата себе дека без оглед на сѐ, ќе ја чувам, себично ќе ја чувам, нема да дозволам ништо да ѝ се случи, нема да ја заменувам со ништо друго, па ѝ раскажувам разни приказни за добра ноќ, само за да остане покрај мене, па понекогаш знам да ѝ се развикам, да ја истерам надвор на студот, затоа што мојот број седум, си нашол друга седумка која не му прилега, бидејќи е далеку поразлична. Мразам кога во такви случај, некој отстапува повеќе простор за нова шестка. Мразам кога шестката победува, која ја победува седумката.
Не е мал бројот и на оние луѓе кои се смеат од потреба, од прикриена намера, а не од радост. Прснуваат во смеа, кога некому нешто ќе му се случи, непријатно, мислам. Нив ги образувам во една таква целина, наликувајќи на балон или огромен меур од сапуница, заклучени со катанец, во вид на бројот дванаесет.
Си оставам и посебен празен лист, што треба да биде исполнет со редни броеви. Овој список знам дека нема никогаш да го пополнам целосно, но сепак го оставам така отворен, надевајќи се дека, просто од нигде-никаде, ќе се појави Човек, кој ќе заслужи да се најде таму. Замислете сега љубопитно лице, со „очи широко (за) отворени“, кое би дало сѐ за да дознае за што говорам во овој случај. Ха-хааа, ве фатив, тоа љубопитно лице сте сите вие, не е само едно. А она што го зборувам, се однесува на луѓе, кои имаат моќ да Ве остават без здив со првата нивна појава. Не физичка појава, не, никако! Апсолутно не таква појава! Туку, првата појава, што е комбинација на несекојдневна боја на гласот, што никогаш порано не сте ја слушнале, а токму тоа било она што силно Ви било потребно. Или, првиот поздрав, кој ќе отстапува од класичното „здраво“. Колкумина луѓе во денешно време Ве поздравиле, на пример, со „благословен ден од Бога“, или „дал Ви Бог добро“? Никој, нели? Никој повеќе не се поздравува така. Луѓето почнале да се срамат да се поздравуваат така? Се плашат? Се двоумат? Или што друго е во прашање, која е причината? Зошто тогаш му се радувате на виното? За што воопшто наздравувате, зошто го месите лебот со квасец, ако не сте потполно сигурни во идејата дека чекорите по патот?! Во осаменоста на седумката секогаш живее празнина. Колку би било убаво кога не би постоела осамена седумка, но постои една, која ја познаваме, или не, постојат многу…
Бројот девет се содржи, меѓу другото, и во блуз расположението. За мене тоа е нешто што ниту го сакам премногу, ниту го мразам. Речиси и да немам некое посебно изградено мислење за ова расположение. Можеби затоа што не ми е толку блиско на мојот карактер. Едноставно, како да прави да мора да танцувате, да се движите напред и да произведувате „кисела“ насмевка, и да се радувате, дури и кога не Ви е дојдено до тоа.
Бројот два го има во ритамот; за мене ништо посебно… затоа дури и суштината на оваа именка веднаш укажува на подвоеност. Ајде, напијте се, едно по друго, да Ве видам – горко, па слатко кафе. Ќе можете ли да се одлучите кое Ви оставило посилен впечаток? Како сите околу Вас намерно да се трудат токму Вие да изгледате лошо во очите на овој, или оној ритам на животот. Затоа и во иднина ќе си стојам што понастрана од сиот тој “наметнат“ ритам.
Стабилната четворка ја има целосно претопена во она што е мојот повик. Таа енергија останува таму доживотно. Ве сака и кога сте весели, и лути, но и кога сте тажни. Во ред е некогаш да заплачете, да се развикате некому, не мора секогаш да глумите дека сте среќни, само заради Вашите „пријатели“ на социјалните мрежи. Одете таму некаде и без да се најавите, или не се појавувајте пред очите на другите ако не сакате, не размислувајте ако тоа Ви е мачно, не бројте ги грешките, било да се туѓи или Ваши, туку само прескокнувајте ги. Не пуштајте секогаш светилки навечер. Некогаш е прекрасно и ако не ги пронајдете предметите во собата, само поради тоа што нема доволно светлина. Ќе си дојде таа следното утро, не грижете се. Не гледајте ги старите фотографии со носталгија, туку со жар и гордост, па додајте си на себеси поени плус, поради тоа што можете да издржите да се набљудувате какви сте биле, без да се прекорувате или срамите. Можеби и поинтересно ќе Ви биде ако се запрашате како би изгледале истите Вие во некое сосема друго време и место.
Кога патувам, со себе сакам да ја понесам само осумката. Како што е убаво да се имаат различни места на живеење во текот на целиот животен пат, така е уште поубаво дополнително да се посетат што е можно повеќе различни места при патување. Најдобро е кога таа активност е неограничена. Не патувам кон егзотични дестинации, не патувам кон атрактивни локации, не посетувам држави што се многу популарни кај останатите туристи, или авантуристи, туку патувам на ретко посетувани и ретко познати места. Места што постојат во самите луѓе. Каменот сред некое поле, на кој некој човек го запишал своето име; место каде друг човек ја „закопал“ својата тага; место кое буквално „плаче“ токму таму да се изгради мост… мало ритче, што некогаш можеби било ниска колиба, а времето се наталожило врз неа и направило да изгледа како привид на испакнатина, под која има пирамида… патувам до некоја стара клупа, на која останале издлабени две имиња, што повеќе не се читаат толку јасно како денот кога прв пат биле напишани, но затоа срцето околу нив сѐ уште стои силно вдлабнато… посетувам стара распадната куќичка, во чиј двор стои нешто како железен кафез, што најверојатно бил кокошарник, а уште ако мрежата од страните е грубо раскината – јасно е, тука сигурно чест гостин била некоја куна или невестулка, жедна за крв од кутрите преплашени кокошки… па си оставам сопствени траги дека веќе сум ја посетила некоја, сега веќе секната чешма, што веројатно некогаш била главен извор на вода за неколку маала или, пак цела населба… па продолжувам да патувам до срцето на некој човек, кој онака попатно решил да се исповеда само со очите, без да има потреба да изусти и еден единствен збор… си наоѓам по пат мало невидливо превозно средство, што можеби ќе ме однесе до месечината, ама овој пат вистински (тука очекувам да намигнете; ако веќе Ви е јасно за што зборувам, без да треба многу да објаснувам, тогаш Вие сте мој човек!); Ви доделувам и Вам една осумка, да Ви биде бесконечен водич при секое патување што ќе го посакате со целото срце.
Се наоѓам затекната сред една тројка. Како чудесно ме затворила во себеси, не дозволувајќи ми да направам ни чекор напред, ни чекор назад. Само умее да ми рече: „Трипати мери, еднаш сечи“. Како ова долго патешествие да е толку едноставно. Како да може толку лесно да се измерат чувствата, да им се определи насоката и така да се наклонам кон нив. Не стравувам од чувствата што избликнуваат од мене кон другите, туку од возвратната реакција што треба да ја очекувам од таму кон мене. Знам за една поинаква топлина, од топлината на очекувањето. А тоа е помирувањето со себеси.

***

Младата жена ја заврши втората хемотерапија, нежно со слободната рака допирајќи се по болното место. Си вети себеси дека терапиите нема да ги брои по нивните редни броеви, туку ќе ги помни само како првата и последната. Си помисли дека ќе дозволи да зависи од сите други бројки во својот живот, освен од овие неколку. Откако ѝ помина чувството на гадење и вртоглавица и доби дозвола дека може да ја напушти ординацијата, со чудна полетност се упати кон најблиската цвеќарница. Си купи неколку свежи цвеќиња, хризантеми, гербери и каранфили. По пат кон дома, си купи нова книга и мала двобојна свилена марама, што веднаш како интересен моден додаток ја изврза околу зглобот на раката. Се врати во секојдневието, не кажувајќи никому, ни за страшното искуство, ни за племенитите визии и чудесните средби што ги имаше со живите бројки. Штом склопеше очи, било да се одмори, било да размислува, тие танцуваа околу неа, се туркаа, кој повеќе да доминира, се препнуваа, или се претопуваа еден во друг. Избра да биде дел од една несекојдневна средба со светлината. Оваа малку поинаква светлина не ја привлекуваше кон себе, напротив, магловито ја поттурнуваше наназад, покажувајќи ѝ нишалка, на која од едната страна се нишкаше стравот, а од другата сомнежот.

***

Маја Мојсова (1983) е родена во Скопје, а пишува проза и поезија.  Ги има издадено делата: збирка поезија „Кохезија, колизија на човековата визија“ (2012, поезија на македонски и англиски јазик), заедничка книга од четири автори „Зен Верс“ (2014), „Потоци.Стапки“ (кратки-кратки раскази, 2015), „Се смееме низ разговорите на ѕвездите“ (раскази, 2017), „Внесување (Ако љубов не нѐ скроти)“ (поезија, 2019) и „Далечина“ (поезија, 2019). Дигитално објавени книги: „Се смееме низ разговорите на ѕвездите“ (Фондација Македоника, 2016), „Внесување (Ако љубов не нѐ скроти)“ (Фондација Македоника, 2016) и „Потоци. Стапки“ (Фондација Македоника, 2016).

Добитничка е на наградите: Награда за најчитана електронска книга – „Се смееме низ разговорите на ѕвездите“ – за месец август 2016 преку проектот на Фондација Македоника и УНЕСКО за „Воведување на младите талентирани автори во дигиталната издавачка индустрија“, за истата книга Прва награда „Прозна гравитација“ 2017 (НОВА – Битола); Прва награда за необјавена песна за Денот на читателот 2017 во организација на Националната и Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје; Награда „Гравитација 2015“ – (за книгата „Потоци. Стапки“) за прозна книга, што ја доделува Здружението за наука и култура НОВА – Битола; Награда за најдобра необјавена песна на манифестацијата Струшки книжевни средби 2015; Трета награда за песна на конкурсот „Свети Кирил и Методиј 2015“ – Охрид и Трета награда за необјавена песна на манифестацијата „Поетска гала“ во Кавадарци – 2016 година.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.