МКЦ ја доби наградата 13 Ноември за особени достигнувања во културата

На свечена церемоција во Националната опера и балет, Град Скопје ги додели наградите 13 Ноември за 2022 година.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание од Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат.

ЈУ Младински културен центар (МКЦ) ја доби наградата 13 Ноември за јубилејот 50 години работа и развојот на културата и афирмацијата на младинското творештво во град Скопје, односно за особени достигнувања во културата.

„Клучот на Градот доаѓа во вистински момент за нас, за нашата публика, во моменти кога ни е потребен малку ветер во нашите едра”- изјави Ванчо Богоев, директор на институцијата кој повеќе од 35 години е дел од МКЦ.

Тој посочи дека МКЦ како институција со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност, успева да биде препознаена како клучна институција во развојот на културата во својот град.

“Наградата “13 Ноември” силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен чинител во домашната и европска сцена. МКЦ со нескриена гордост ја прими ова награда, најважна за нас, бидејќи го сакаме градот и се што правиме е во насока да овозможиме да се развива и негува живата култура“, велат од МКЦ.

Од таму најавија дека во подготовка е и големата прослава по повод 50 годишниот јубилеј, закажана за 28 декември 2022, денот кога МКЦ за прв пат ги отворило своите врати во далечната 1972 година. За тој ден подготвуваат богата и изненадувачка музичка програма, перформанси, ликовна изложба и други активности со кои ќе се заокружи јубилејот 50 години МКЦ.

Од активностите кои следат, сѐ  уште е во тек 47 издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ кој се затвора на 19 ноември, додека по него следи првото издание на ротирачкиот фестивал LIVEUROPE кој МКЦ за прв пат ќе го организира, како рамноправен член на оваа престижна мрежа на европски концертни
сали.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2022 година се Игор Радев, за особен придонес на полето на книжевно-преведувачката дејност, Љупчо Јолевски за четиридецениска интензивна и професионална работа во новинарството, Весна Мојсова Чепишевска за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата во изминатиот период.

Награда доби и Ристо Малчевски за покренувaњето на онлајн платформата www.matematickitalent.mk зa време на пандемија и во време на недостиг на учебници за основно и за средно образование, Арлинда Калиси за долгогодишен придонес како уредник на културните манифестации и автор на емисијата „MOZAIKU KULTUROR“.

Митко Б. Панов ја доби наградата 13 Ноември за значајни остварувања во науката, како и иницијатор и автор на проектот на културниот настан „ Денови на Јустинијан I“, додека Силвана Георгиева доби награда за  значаен придонес во научно-истражувачката дејност во стоматологијата, подигнување на квалитетот на забоздравствената заштита и подобрување на оралното здравје на граѓаните на град Скопје и пошироко во државата.

Тони Михајловски доби награда за 13 Ноември за повеќегодишни достигнувања како театарски и филмски актер, додека Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, доби награда за отворање центри за рана интервенција и третман за деца со аутистичен спектар и атипичен развој и обезбедување помош и поддршка на младите и возрасните лица со пречки и на нивните семејства.

Хуманитарната организација „Свети Спас“ – Скопје доби награда за кoнтинуирано помагање на социјално загрозени лица.

Смиља Туџарова Ѓоргова доби награда 13 Ноември за највисоки достигнувања во областа на медицината, науката и образованието во државата и во светот, како и автор на делото – Естетска хирургија на глава и врат, додека Соња Бојаџиева доби награда за  долгогодишен придонес во здравствената заштита на младата популација и значаен придонес во хуманитарните активности.

Групата „Тим доза среќа“ во состав на  Ања Цветковиќ, Никола Стојановски, Денис Димитров, Дарко Ефтимовски, Илина Георгиева, Коста Аризанов, Христијан Стојанов, Викторија Блажевска и д-р Драган Јованов ја доби наградата за врвни достигнувања на светски натпревари за млади иноватори (лица со посебни потреби) на тема Животна средина категорија – Лековити растенија.

Дејан Георгиевски ја доби наградата за најголемиот успех и постигнување во спортот – освоен Сребрен медал од олимписки игри во Токио 2020, одржани во 2022 година.

Ракометниот клуб „Вардар 1961“ ја доби наградата за претставување на градот пред спортската јавност во Европа и неизмерна радост на сите скопјани.

Ученици и студенти кои ја добија наградата се Алексиј Тасиќ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на градот Скопје во државата и надвор од неа, Ангела Костуранова за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на градот Скопје во државата и надвор од неа и Ерјона Азизи за успешни постигнувања во континуитет во наставните и воннаставните активности во земјата и во целиот свет, проследени со 18 златни медали.