По три одложувања, најмоќната ракета во историјата на човештвото Артемис 1 успешно беше лансирана на нејзината мисија до Месечината и назад.
Леталото, кое е составено од напредната СЛС ракета и револуционерната вселенска капсула Орион, го осветли ноќното небо над космодромот Кејп Канаверал во Флорида.
„Полетуваме заедно, назад на месечината и подалеку од тоа“, извика коментаторот на видеопреносот на НАСА од лансирањето на ракетата.
We are going.
For the first time, the @NASA_SLS rocket and @NASA_Orion fly together. #Artemis I begins a new chapter in human lunar exploration. pic.twitter.com/vmC64Qgft9
— NASA (@NASA) November 16, 2022
Мисијата на Артемис 1 ќе трае 25 дена и ќе биде прво летање на ракета на НАСА до Месечината и назад по половина век.
Во овој прв пробен лет нема човечки екипаж, а во ракетата се наоѓаат три кукли и плишаната играчка „Снупи“, кои треба да служат како тест за нивоата на радијација и новите системи за заштита на животот и опремата на оваа нова генерација на вселенски ракети.
Но, успешноста на оваа мисија, која треба да заврши со спуштање на капсулата во Тихиот Океан на 11 декември, е од клучна важност за следните Артемис 2 и 3 мисии. Овие летови, кои се закажани за 2025 година, треба да ја однесат првата жена и првиот човек кој не е од белата раса на Месечината. Тоа би било прво слетување на Месечината на луѓе од мисијата Аполо 17 во 1972 година.
„Се враќаме на Месечината по 50 години да останеме таму, да учиме, да работиме, да создаваме и развиваме нови технологии и системи и нови вселенски летала со цел да одиме на Марс. Ова е неверојатна пресвртница на историјата“, изјави претходно оваа година администраторот на НАСА, Бил Нелсон за програмата Артемис.
Денешното лансирање следува по три одлагања претходно оваа година. Во август и септември планот за лансирање беше откажан откако инженерите открија проблем со системите за ладење на ракетниот погон, како и истек на гориво, за кој подоцна се покажа дека било последица на неисправен сензор. Во октомври мисијата беше откажана откако Флорида беше зафатена од ураган.